Oд утре леб за 32 денара, поевтини млечни производи по Нова година

by fokus

Дел од пекарниците најавуваат дека од утре, 1 декември, граѓаните ќе може да купуваат леб и за 32 денара. Во наредниот период, ќе има корекција и на цените на другите пекарски производи, веројатно за околу 10 проценти.

Снижувања за над 10 отсто се можни и кај месните производи доколку Владата донесе одлука со која би се укинале давачките на увозните суровини, како што бараат компаниите од овој сектор. Намалени цени во декември не може да се очекуваат кај млечните производи кои, според преработувачите, ќе бидат поевтини од јануари.

Ова се ставовите на претставници од прехранбената индустрија кои од утре, преку „ЕСМ продажба“, треба да добиваат струја по субвенционирана, фиксна цена од 80 евра за мегават час.

Компаниите ја поздравуваат мерката како почеток за целосно решавање на проблемот во нивната индустрија. Сметаат и дека регулираната цена на струјата, комбинирана со мерката за маржите во малопродажбата, ќе даде ефект.

Мелничарите и натаму се на ставот дека со активирање на стоковните резерви би се постигнал поширок бенефит. Посериозна стабилизација, пак, на цените кај млечните производи, како што оценуваат од млечната индустрија, може да се очекува само ако им се даде поевтина струја и на фармерите.

Според Стопанската комора на Северна Македонија, млечните производи што ќе се произведуваат од 1 декември натаму, со евтина струја, ќе се продаваат по Нова година.

Поврзани новости