Голем број на регионални музички ѕвезди во тек на цела година, а посебно во летниот период, редовно имаат настапи во земјава. Познатите музички имиња, речиси почесто се во дискотеки и клубови во Македонија, отколку во своите земји, а празничниот викенд во секоја поголема дискотека гостуваа музичари од странство.
На први август во Охрид настапи Цеца Ражнатовиќ, во популарен ноќен клуб, а деновите пред нејзиниот настап на истата локација концерти одржаа Ацо Пејовиќ, Јелена Розга, Сандра Африка и Војаж.
Во Битола пак, музички гостин беше Здравко Чолиќ, а неколку дена пред него настапи и Харис Џиновиќ. Џиновиќ исто така пееше и во ноќен клуб во Струга.
Во Струмица во саботата пееше Анастасија Ражнатовиќ, во неделата Аца Лукас, а пред нив Дара Бубамара, Теа Таировиќ, Бресквица, Сако Полумента…
Во Струмица исто така гостуваа и Лепа Брена и Ацо Пејовиќ, а по неколку дена доаѓаат Амар Гиле и Жељко Самарџиќ.
Во Виница за два дена доаѓа Катерина Грујиќ, откако и таму пееше Аца Лукас пред неколку дена.
Јелена Карлеуша, Горан Бреговиќ, Реља Поповиќ, Раста, Петар Грашо и уште многу други помалку или повеќе популарни балкански пејачи изминатиот месец се дружеа со македонската публика и си заминаа за неколку илјади евра побогати во своите земји.
Колку изнесуваат хонорарите кои овие пејачи ги добиваат за неколкучасовен настап во нашите дискотеки е тема за која често се низат низа на претпоставки. Сепак, според сопственици на локали со кои сме разговарале, најчесто сумите се движат од 5.000 евра, па нагоре.
Како што појаснуваат некои од нив, хонорари од 30.000, па дури и 100.000 евра дел од овие пејачи бараат кога настапуваат на општински манифестации, но цените за гостување во клуб биле многу пониски.
-Дури избегнуваат да пеат на општински манифестации, бидејќи ако настапат во некој град на плоштад и секој може да ги слуша бесплатно, потоа со месеци, па и години во тој град и околината не им е исплатливо да пеат во клуб, оти народот веќе еднаш ги видел, и продажбата на влезници може да оди потешко. Но затоа пак, кога станува збор за настап во дискотека, нема проблем, тоа се оние таканаречени тезги на кои секогаш се радуваат, а се радува и нашата публика, за што зборува и интересот за купување на влезници – открива нашиот соговорник.
Вики Клинчарова