МНР и одговори на Захарова: Го штитиме суверенитетот на Украина

by fokus

Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност, се наведува во заедничкото соопштение на МНР и Министерството за одбрана како реакција на изјавата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

– Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција, се посочува во соопштението. 

Република Северна Македонија, се додава понатаму, како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, денеска изјави дека Москва смета дека е голема грешка одлуката на властите на Северна Македонија да и донираат на Украина тенкови Т-72. Според неа, иако станува збор за застарена опрема, со донацијата се дава поддршка за „продолжување на криминалните активностите на режимот во Киев“.

Поврзани новости