На трети јуни (сабота), од пладне до вечер, (12- 20 ч), во Паркот на Франкофонијата во Скопје, по трети пат ќе се случува Фестивал на биодиверзитет: Коктел на вкусови, што го организира Слоу Фуд Водно со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Слоу фуд Македонија во своите редови ги има најдобрите производители кои ја бранат агендата поврзана со автентичната храна: ќе има околу 40 изложувачи од цела Македонија, од кои 21 од Скопје. Овој пазар за храна на локалните производители вклучува и презентации, алкохолни, вински и пивски дегустации и секако- убаво дружење цел ден во најубавиот дел на Дебар маало- истакнуваат од организацијата.
На настанот ќе бидат презентирани сите можни вкусови, благо, солено, луто: гастрономски деликатеси во тегли, пинџур, џем, слатко, намази, се природно, со вкусови што ќе ве вратат во детство, потоа- традиционалните козји, кравји и секакви сирења, сувомеснати производи сушени на дрва.
– Ако не сте го запознале вкусот на тартуфите ова е можност да се вљубите во некој од производите на оваа чудесна печурка, да вкусите органско масло од лешник, природни сокови, масла, домашни ракии, занаетчиски пива, вина од мали семејни винарии…
Звучи примамливо, но сите овие производи не се само поезија и пејзаж, туку економија, грижа за почвата, планинските и маргиналните области, обнова на напуштените земјишта-информираат од Слоу Фуд.
Освен дегустација на производите кои ќе можат и да се купат, во програмата на фестивалот ќе има претставување на крафт пивари, најдобрите коктел мајстори ќе приготвуваат коктели од пијалоци на локалните производители, а најмладите ќе имаат катче со работилница од програмата на проектот Училишни градини на Слоу Фуд.
Вики Клинчарова