За еден час советниците од Неготино, ако имаат добра волја, ќе одлучат дали ќе го разгледаат предлогот за поништување на донесувањето на УПВНМ за изградба на депонија за индустриски инертен отпад.
Барањето за поништувањето на одлуката за изградба на депонија до Советот е доставено од здружението на граѓани „Ековита“, кое е предлагач и иницијатор за референдум во општината. Исто така, се бара од советниците да донесат одлука со која никогаш повеќе нема да биде разгледано прашање за каков било вид депонии или простор со намена на земјиште Е3 во општината.
Точно на пладне денес ќе започне 33-та редовна седница на Советот на Општина Неготино, а на дневен ред се буџетот за 2020 година, програми за економски развој, култура, спорт и друго. Од „Ековита“ за Фокус велат дека единствено ако советниците покажат добра волја и желба, можат да го разгледаат предлогот за поништување на проектот за изградба на депонија.
-Советниците се тие кои што можат да ја сопрат оваа хаварија која што му се подготвува на градот и да покажат дека мислат на граѓаните и на идните поколенија. Се собраа околу 1.400 потписи против изградбата на депонијата, собирањето на потписите на граѓаните е во тек. Но, од нивниот збор и одлука денес, на седницата, зависи дали ќе пресечат и дали конечно ќе се слушне гласот на народот кој јасно порача дека е против овој проект – ни изјави Маја Тодорова, дипломиран инженер биолог.
На социјалните мрежи граѓаните постојано го искажуваат својот револт и бараат советниците да застанат на страната на народот кој им ја дал довербата. За иднината на Неготино денес треба да одлучат 14 советници на чело со претседателот на Советот Диме Витанов, кој за Фокус изјави дека секогаш е со народот.
Советниците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата на своите профили на Фејсбук уште во тек на вчерашниот ден објавија дека се против депонијата. Останува да се изјаснат и советниците од СДСМ и коалицијата – Гордана Филипова, Вуле Младеновиќ, Дане Мајсторчев, Трајче Димков, Ивана Трајкова, Игор Ѓорчев и Борче Коцев.
Вики Клинчарова