Од советник на Таравари, па претседател на Управен одбор на ФЗО, се до нов министер за здравство

На местото на Сали, сега на министерската фотелја ќе седне неврологот Фатмир Меџити, кој е непознат лик за јавноста, поточно досега немал некоја висока партиска функција, со што би бил препознатлив

by Fokus

По неколку месечни преговори и долги натегања, Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари пресече и влезе во владата, но откакако претходно добро се испазари за министерски, заменик-министерски и директорски позиции со премиерот од редовите на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Наеднаш, повеќе не важат сите оние критики кои беа упатени кон актуелните функционери, кои претходно од истата партија беа обвинувани за разни криминални десјтвија.

Партијата на Таравари си ја оствари целта и зема три министерски места, меѓу кои и министерството за здравство, со кое досега раководеше стоматологот Беким Сали од редовите на Алтернатива.

На негово место, сега на министерската фотелја ќе седне неврологот Фатмир Меџити, кој е непознат лик за јавноста, поточно досега немал некоја висока партиска функција, со што би бил препознатлив.

Според неговата биографија, која може да се најде и во предлогот доставен до Собранието од актуелниот премиер може да се забележи дека тој во моментот работи на скопската Клиника за неврологија, како специјалист-невролог во Одделот за главоболка и болни синдроми.

Меџити на оваа клиника е веќе осма година по ред, поточно од 2015 година.

Во неговата кариера може да се види дека додека Таравари бил министер за здравство од само неколку месеци во 2017 година, кога СДСМ дојде на власт и беа во коалиција, тогаш Меџити бил член и претседател на Управниот одбор на Фондот за здравство.

А, истата 2017 година само краток период бил и советник на Таравари додека тој во својата кратка министерска кариера управуваше со ресорот здравство.

Меџити својата лекарска кариера ја почнува во 2000-та година како општ лекар во болницата „Ферид Мурад“ во Гостивар, каде останал на работа се до 2007 година. Потоа, истата година отвора своја приватна здравствена ординација „Др. Фатмир“, исто така во Гостивар со која управува само три години, поточно до 2010 година.

После тоа, тој одлучува да си замине од Гостивар и да продолжи со работа на скопската Клиника за неврологија, најпрвин како општ лекар, а подоцна и како специјалист.

Тоа што е чудно што никаде не можат да се најдат податоци за негови партиски функции или активности.

Ирена Мулачка

 

 

 

Поврзани новости