Д-р Наташа Сарџоска, Институт за антропологија и етнологија, ПМФ, УКИМ
Предмет на анализа на многу истражувања во антропологијата се социјалните агенси што влијаат врз мрежата од социјални односи и што може да ги поместат редовните структури на човечкото постоење. Tаа анализа се однесува претежно на социјалните односи и нивните меѓузависности, кои може да бидат од културолошка, биолошка, политичка, уметничка, социолошка, економска, технолошка, религиозна, етничка и друга природа. Но, исто така антропологијата може да води истражувања за врските меѓу човечките суштества и меѓу бактериите, вирусите, болестите. Оттаму, прашањето е следно: што можеме ние, како антрополози, да направиме за да се раскринка социјалниот проблематичен однос на човекот со нешто така невидливо, а подмолно, како што е вирусот COVID-19 и неговиот кобен продор во човештвото?
Низ призмата на медицинските и биолошките науки, вирусите, секако, имаат инаква димензија, за разлика од онаа што ја заземаат во социјалната антропологија. Но, во случајот со COVID-19 соочени сме со невидливоста на вирусот што излегува од секоја научна контрола. Медицинските протоколи за негов третман не се извесни: асимптоматични носители на вирусот и оние чиишто тестови се негативни ненадејно умираат. Не се за занемарување со него поврзаните структури што се распаѓаат и раслојуваат: колапс на економските темели на општествата, редефинирање на глобализацијата и капитализмот, ранливост на здравствените системи и на медицинскиот кадар, изложеност на сиромаштија и растројства на најкревките слоеви на општествата.
Од една страна, ако овие социјални меѓузависности поминат низ суров процес на прочистување и природна селекција – кој на некој начин ни го наметнува потрошувачкото општество – , при која што ќе преживеат можеби економоски најмоќните, со што неминовно би му пружиле шанса на капитализмот да се регенерира – иако сето тоа ќе наметне коренити општествени промени и свест за нужноста од глобална солидарност –, се чини дека човечкото однесување и социјалните односи ќе претрпат сериозни пореметувања.
Низ социо-економска призма, микропретпријатијата и натаму ќе очекуваат финансиска помош и хибридно одржување во трговија, а големите богати корпорации и макропретпријатијата ќе бидат доведени – под притисок – во условена состојба да ги финансираат и крпат економските штети од кризата, губејќи го во голема мера својот профит. Владејачките структури не смеат да потпаднат под стапицата на протекционизмот, задолжувајќи се непрегледно кај меѓународните монетарни организми или оптеретувајќи ги големите корпорации, двигатели на слободната трговска размена, зашто ако ги притиснат, ќе ги наведат да го пренасочат својот капитал кон побезбедни меѓународни инвестиции. Непосредните солидарни иницијативи на големите македонски економски магнати како и самоволното откажување од јавните финансии на извесни јавни институции се несомнено за наклон.
Како социјалното однесување може конструктивно да влијае на ова?
Далекусежно, ова е можност да се развие нова глобална размена и да се урнат трговските бариери ширум светот. Тоа би било (идно) време на поинаква глобализација и „нова планетарна мобилност“ (Марк Оже), затоа што се докажа дека мултилатералната одбрана не покажа напредок во глобалната стратегија за справување и дека пандемиите изискуваат нови форми на меѓународна соработка.
Балканските земји воведоа екстремно рестриктивни мерки пред сѐ поради немање сразмерен економско-медицински одговор за растечкиот наплив од заразени или заболени или носители на вирусот. Иако од медицинска гледна точка тие мерки се сосема разбирливи, од социолошки аспект може да станат (во долгорочна проекција) фатални. Пред сѐ, мислам на вбризгувањето во потсвеста – според теоријата на медиумска хиподермална игла – на воен жаргон (вирусот напаѓа; медицинска воена зона; конфликт; криза; жариште; државен карантин; полициско-воена контрола; воени лекари: жртва на вирусот; борба против вирусот; надзор; полициска проверка) и на всадувањето страв и паника во психата и антропосферата на човекот.
Секоја девијација и патологија живее преку гостопримливоста на својот домаќин. Во случајов, човекот е домаќин: вирусот живее околу нас, во некои од нас, се пренесува преку некои од нас. Елем, на тој начин, вирулентната појава станува невидлив социјален агенс. Јасно ми е дека ова звучи шокантно, зашто вирусите и бактериите не се социјални агенси, но, сепак постои научна литература којашто ја потврдува оваа теза. Имено, убиствените инстинкти на вирусот ги напаѓаат особено слабите здравствени системи (поради недостиг на медицинска опрема, број на легла и респиратори, броен стручен кадар итн.), независно од економската моќ на државата, но, ги напаѓаат и луѓето со слаби имунолошки одбранбени механизми. Медиумите ни објаснија, преку гостувања на врвни експерти, дека вирусот е гладен организам што бара непрекинато да се размножува за да преживее. Во таа смисла, иако невидлив, тој ни создава ужасеност и страв, значи, сепак е некаков социјален агенс што радикално нѐ менува и трауматично влијае врз нашето витално делување и општење.
Но, како, пак, тој агенс може да влијае врз нашите навики? Живееме во агонија поради неможност да се движиме, да делуваме, да разменуваме, да патуваме, да произведуваме. Психичкото здравје, и покрај полициските контроли, ризикува да биде длабоко поткопано, особено кај луѓето кои немале навика да самуваат, да остануваат дома и да се откажуваат принудно од своите социјални врски. И покрај одличната идеја за достапност на бесплатен телефонски контакт-центар за психијатриска поддршка, тензијата и паниката како и фаталната резигнација на човечкото суштество ќе доведат до онтолошки состојби на летаргија, пасивност, инерција, но, и насилни или пак слаби психички и биолошки одговори.
Оттаму, наместо да користиме идиоми и лексика на страв, би можеле да му пристапиме разумно на феноменот. Умножувањето на конфликтна терминологија само ја загрозува психичката стабилност на човечкото суштество. Микорбиологот Мачулак елаборира дека бактериите не се наши непријатели, туку моќни пријатели кои никогаш нема да бидат поразени. Развивањето на воени метафори не само што не е од помош, туку е и опасно за кревкото здравје на ранливите поединци кои токму поради таа наметната психоза, недвосмислено и без двоумење прибегнуваат кон радикални избори како самоубиства или семејни крвни деликти: веста за таткото прободен од синот со нож, кој едвај стигнал до скопскиот клинички центар, беше поразителна за човештвото во нас.
Иако може да се разбуди примордијалниот инстинкт за преживување, едновремено панично се задушува свеста за еволуција, за духовен развој и етички раст на човештвото. Оттаму, неодамна идиомот „социјална оддалеченост“ премина во „социјална солидарност“ наспроти „физичка оддалеченост“. Затоа што се крена свеста дека по оваа криза ќе се развијат длабоки лузни во веќе вжештеното жариште на човечката психа: отуѓеност, отстранување, застранување, осаменост, оскудни социјални врзувања, ксенофобија и расизам, девијантни агенси и нарушувања на меѓучовечките односи.
Нашиот страв од туѓите невидливи тела што може да продрат низ порозните отвори на нашето тело (нос, уста, око) создава паничен страв од органското во и вон нас (на пр. страв дека по грешка сме си го допреле носот, дека не сме си ги измиле дланките шеесет секунди и слично), но конечно и страв од сознанието дека ние сме како пропустливи садови со безбројни животни теченија, и внатре и надвор, и дека не сме разграничени самодоволни тела со јасно зацртани граници кон надворешниот свет. Патем, сетете се на истражувањата на Луј Пастер и целата научна литература што говори за соживот меѓу човекот и бактериите и вирусите. Не би сакала да го наведам вирусот како наш сојузник, напротив, би сакала да предложам да ја смениме нашата наративна стратегија и да излеземе од клаустрофобичниот, хипохондричен и конфликтен наратив, за да станеме посилни.
Колатералните штети од епидемијата ќе имаат драматични последици
Дали се навистина несериозни одлуките на извесни држави што го поттикнаа населението да се соочи со биолошкиот опстанок, справувајќи се, преку средби со ниски количини на вирусот, со новите имунолошки реакции? Овие мои размисли водат кон тезата дека многу биолошки односи се и социјални. Затоа, ако го погледнеме како нужно социјален нашиот однос со оваа сериозна закана за опстанокот на човештвото, ќе излеземе од воената дијалектика на „ние“ против „вирусот“. Се разбира дека без вакцина и утврден медицински протокол за лекување, проекцијата на мерките за изолација, социјално односно физичко оддалечување и здравствен надзор се оправдани и потребни, но колатералните штети од епидемијата ќе имаат далеку подраматични последици врз човечкото суштество.
Како екстремна економска последица од немаштијата, сиромаштијата, невработеноста, со еден збор од безизлезноста, се наведува и ризикот од зголемена општа смртност причинета од срцеви инфаркти и мозочни инсулти односно удари, како и општо нарушено психичко здравје што од депресија може да води кон разни психички патологии, зачестени самоубиства, семејно насилство во психосоцијалните ограничувања (особено кај оние семејни заедници кои живеат во мали станови или имаат ниска потрошувачка моќ или кај коишто постојат зависности од алкохол, психотропни супстанции, насилство врз деца, жени, стари лица, и слични растројства); но, не е за занемарување и ризикот од криминогено однесување и распространување на трансграничниот организиран криминал, кој токму во вакви кризни периоди познава инструменти за прекугранично вовирање во нашите општества. Затоа, ќе бидат потребни стручни програми, изготвени од тимови на психолози, биолози, социолози, криминолози, правници, антрополози и други научници, кои ќе понудат можност за терапевтски третман при враќањето на човекот – од состојба на исклученост во состојба на вклученост – во реалноста.
Се разбира, стравот од глад и од смрт отсекогаш бил моќен порив за промена кај човекот. Па оттаму, еволутивно тој страв придонел и за многу позитивни промени кај човекот. Но, таквиот страв може и да ги подрива здравите ткива на поединецот и да создава психички и социјални тегоби што не треба да се занемарат за да не прераснат во конфликти. Доколку погледнеме на вирусот како на непоканет, непокорен и непослушен гостин во нашите општества, а не како на воен непријател, ќе можеме поефикасно и пофлексибилно да ги прифатиме мерките што нема да ја изневерат довербата меѓу граѓаните и општеството (на пр. ригорозните мерки како државен карантин, милитаризација на територијата, целосно ограничено движење за време на викенд, непредвидени законодавства, надзор и набљудување на приватноста преку телекомуникациски инструменти може да создадат недоверба), односно мерките што нема да го зголемат стравот и јазот меѓу граѓаните и државата. Но, треба да се има на ум дека прогресивните откажувања на граѓаните од своите редовни работни и витални навики, можат долгорочно да акумулираат бес и бунт кон принудните мерки на државата, доколку не се спроведат програми за реинтеграција и рехабилитација на ранливите заедници, но и за општочовечка солидарност.
Затоа, стравувам дека посткризните општества, после оваа пандемија, може да западнат во опасност од создавање непрекинати состојби на исклучок, т.н. stato di eccezione (Џорџо Агамбен) или постојани вонредни состојби, т.н. Ausnahmezustand (Карл Шмит). Овој теоретски зародок се црпи од римското право каде што, под закана и опасност за опстанокот на републиката, вишиот сенат, или т.н. senatus consultum ultimum, имал неприкосновено право да побара од судската власт примена на секаква мерка со цел спас на републиката, односно да му овозможи на секој граѓанин да делува слободно, иако убеден дека делува противзаконски, затоа што правниот поредок во тие услови бил запрен. Потребата суверенот да ја примени таа уредба се јавила од итноста да се спаси римската републиката од можен воен напад. Римското право ја инспирира теоријата за политичка аномија на Џорџо Агамбен, којашто наведува своевидно беззаконие, овозможувајќи му ја на граѓанинот слободата да посегне по неодредена аномална власт, но, којашто се разликува од теоријата на вонредна состојба како диктатура на Карл Шмит.
Овие два концепта можат да ни послужат за анализа на антропологијата на денешните политички системи, во справувањето со оваа глобална пандемија, односно анализа на оние вонредни состојби каде што суверената власт смее не само да го прекине виталниот-производствен тек, туку и да го прекрши владеењето на правото во името на јавното колективно добро (на пр. преку примена на мобилни апликации за целосна контрола на граѓаните, нивно мапирање, следење, надзор, контрола и ограничување на нивното движење и други непознати невидливи мерки), па дури и да примени воено право. На тој начин, во идната светска економска криза, после оваа здравствена криза, ќе се роди ризикот да се повредат владеењто на правото, демократските ориентации и социо-економските ткива на општеството, а со тоа и слободната хуманистичка мисла и психичките ткива на човекот. Затоа, човекот не смее да дозволи да премине од оваа тегобна состојба на исклученост во неповратна и безизлезна состојба на исклучок.