Од соработката меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ зависи интеграцијата на Македонија во ЕУ, порача францускиот амбасадор

by fokus

Ако партиите не можат да се договорат меѓу себе, ќе се постави прашањето какво би било местото на Македонија во Унијата, смета францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата за средба на македонските партиски лидери во вилата на Жан Моне во Париз.

Од ВМРО-ДПМНЕ веќе го искажаа својот став дека проблемите во Македонија треба да се решаваат во македонските институции. Францускиот амбасадот на тоа порача дека партиите треба на сосема конкретен начин да најдат можност да работат заедно со цел да го изодат патот кон Европската унија.

–Доколку македонските партии не успеат да најдат начин да работат заедно, може да се запрашаме какво би било местото на Македонија во Европа. Се разбира, тој одговор и го препуштам на македонската страна – изјави Тимоние.

Тој додаде дека предуслов е сите партии да се согласни да учествуваат на средбата која би се одржала во вилата во Париз.

–Јас разбрав дека има принципиелни договори што се на некој начин постигнати. Меѓутоа, ако договорот меѓу партиите не може да се направи во Македонија, тогаш може да се состанат во Париз. За нас, пред се, тоа е работа на македонските партии, а ние ќе бидеме само добронамерни домаќини – рече тој.

 

Поврзани новости