По доаѓањето на власт на новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, еден од нејзините први чекори беше ударот врз проектот оставен од нејзиниот претходник, Петре Шилегов за воведување на таканаречниот „Бас Рапид Транзит“ или БРТ систем кој требаше со тек на време да стане конкуренција, па и замена за постојниот систем за јавен превоз во градот, кој во најголем дел е во рацете на ЈСП и „Слобода превоз“.
Со оваа БРТоубиствена одлука на Арсовска, со нејзиниот БРТален напад врз БРТството и единството со тендерџиите кое го градеше Шилегов, градоначалничката става на знаење дека кај неа нема веќе БРТе-мрте и дека готовиот проект, свршениот чин, иако формално би требалода е БРТоносно оружје врз неа нема влијание.
На оние кои се надеваа на воведување на системот на Бас Рапид Транзит им останува да чекаат некоја идна власт која ќе ветува БРТа и долини, или да побараат од најмоќниот коалиционен партнер во новата влада, Африм Гаши, кому секоја желба му се исполнува, да се заложи за проектот и да го прифати слоганот „БРТ на Гашизмот, слобода (превоз или ЈСП) на народот“, или да побараат дипломатска помош од амбасадата на Велика БРТанија, или во крајна линија, кога на Данела ќе ѝ биде роденден во знак на протест да ѝ ја пејат песната „Хепи БРТдеј ту ју“ и да ја потсетат дека сѐ уште важи изреката „БРТ за БРТ, сирење за пари“.
Ако сето тоа не помогне, нека организираат реално шоу со наслов „Големиот БРТ“, или нека снимат авангарден филм во стилот на црна комедија кој би се викал „Викенд на БРТовци“ инспириран од романот „Дружината БРТско стебло“ или да отворат афера во јавноста која би го добила кодниот назив „БРТиславска врска“.
Во сите овие активности, треба да барат поддршка од Шилегов, а ако тој уморен од политиката одбие да им ја даде, нека извикаат како Цезар кога сфатил дека Брут го предал: „Зар и ти, сине БРТе?“. Ако пак им даде поддршка, тоа нека го направи со славната непокорна изрека од Галилео: „Сепак се БРТи!“
Но, на сите критичари на нејзината одлука да го остави во минатото проектот за Бас Рапид Транзит, градоначалничката Данела Арсовска, која очигледно некогашната парола на ВМРО за „Смрт или слобода“ ја претвори во „БРТ или Слобода превоз или ЈСП“, може само да им порача: „Како и да се заБРТите, времето кога вие владеевте со Скопје ви е од позади“.
Конечно, најнова вест е дека на Владо Бучковски му кажале Бугарите дека услов за да не го блокираат почнувањето на преговорите со ЕУ, е јавниот сервис МРТ да се прекрсти во БРТ. Прашањето дали буквата Б ќе означува „Бугарска“ или „Бучковски“ или најверојатно „Боже сачувај какви глупости нема да прочита човек по интернет“ сѐ уште останува без одговор.