Премиерот Никола Груевски во празничното обраќање по повод Денот на независноста на Македонија опфати неколку теми: од мигрантската криза и специјалниот обвинител, па се до легализацијата на марихуаната и „трето дете“. Во изнесените ставови немаше ништо ново, освен можеби по прашањето за легализацијата на марихуаната за кое Груевски првпат се произнесе. Но, неговиот став не ја изненади јавноста.
Рече дека е против општа легализација, бидејќи тоа би донело до лоши последици долгорочно. Но, премиерот е скептичен и за легализација на медицинската марихуана, која ја поддржуваат 70 отсто од граѓаните на Македонија. Според него, прашањето за увоз и пуштање во употреба со лекарски рецепт на лек кој е базиран на масло од канабис под строго регулирани услови, треба да биде опсежно проучено и јавно дебатирано, не од политичари или новинари или пак политички аналитичари, туку од лекари специјалисти во областите, фармацевти, доктори на науки и напредни научници исклучиво на стручна база. Фактот дека премиерот не е баш расположен да ја поддржи легализацијата на медицинската марихуана го поткрепува и тоа што тој рече дека лековите на база на масло од канабис во некои држави во светот се дозволени, но во некои и не се.
Груевски мигрантската криза уште еднаш ја нарече „нова голема преселба на народите“. Интересно е да се напомене дека иста ваква дефиниција за мигрантската криза даде и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој важи за еден од најконзервативните лидери со тоталитаристички белези во Европа. Македонскиот премиер заклучи дека досега низ Македонија транзитирале бегалци од средна класа, а допрва ќе дојдат сиромашните и тогаш ќе настанат уште поголеми проблеми за Европа. Напомена дека овој проблем зависи од многу фактори кои воопшто не се поврзани со нас, како држава.
Премиерот Груевски се пофали дека владините мерки за демографијата давале видливи резултати и ова прашање ќе останело во врвот на предизвиците на оваа Влада.
-Владините мерки даваат видливи резултати и трудот и напорите се исплатеа иако многу скептици не веруваа во тоа. Трето дете во семејство, не е веќе вистинска реткост, туку е се почесто и полека станува, но сигурно хит, станува мода, станува нормално се повеќе, рече Груевски во својот говор.
Што се однесува до спроведувањето на договорот од Пржино, Груевски напомена дека Специјалниот обвинител мора да избере онака како што е договорено, без доадавње или одземање.
– Тој обвинител треба да биде автономен и да има доволен број на стручни и технички соработници, истражители и целокупната потребна логистика од човечки ресурси, средства за покривање на трошоците и техничка логистика, во смисла, на канцеларии, возила, и слично. Тој не смее да биде на никаков начин попречуван во неговата работа, ниту пак под внатрешни или надворешни влијанија, рече Груевски.
Премиерот како да го доближи својот став по прашањето за автономијата на специјалниот обвинител со ставот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Заев пред 5 дена изјави дека обвинителот треба да има целосна автономија и техничка поддршка, што подразбира финасиска, техничка и кадровска независност.
Катерина Смилева