Во 21 век доживеавме невиден притисок да го смениме знамето, па по знамето дојде името, па по името дојде историјата, по историјата на ред е јазикот и којзнае уште од што сѐ треба да се откажеме, за да станеме нешто што не сме и да станеме дел од дволичната, лажлива и извитоперена дружинка
Ѕвонко ДАВИДОВИЌ
Секој и малку информиран човек знае за Косово, Каталонија, Баскија, Фландрија, Шкотска, но малкумина знаат дека состојбата во Европа е далеку од релаксирана и без проблеми. Малкумина знаат дека Стариот континент изобилува со проблеми и региони, кои само чекаат поволен миг за сецесија.
Дегутантна и депласирана е реториката на Европа, кога зборува за малцинските права, човековите права и слободи, граѓанските права и правата за самоопределување на народите.
Двојните аршини, селективноста во пристапот, правото на посилниот и поголемиот, политикантство, дезориентираност и комплетна разнебитеност на системот на вредности, се само дел од реалните механизми и одлуки што ЕУ ги практикува, особено во последниве години.
Еден од најеклатантните примери за дволичноста и неконзистентноста на Европа се Косово и Украина, што рускиот претседател максимално го користи во обвинувањето на Европа, а во оправдување на своите постапки.
ПОГОЛЕМИ ПРАВА И САМОУПРАВА
Не треба да ги заборавиме ни реакциите, однесувањето и реториката на истата таа Европа при отцепувањето на Доњецк и Луганск од Украина во 2014 година, но и нивната немоќ за решавање на оваа ситуација.
Но, да се вратиме на регионите во Европа, кои чекаат поволен миг да се отцепат и да создадат самостојна меѓународно призната држава или да добијат поголема автономија во рамки на постоечката држава.
Во Романија, која е релативно нова членка на ЕУ, се наоѓа областа Трансилванија или Ердељ, како што ја нарекуваат Унгарците, во која лежи земја на Секељите, етнички Унгарци, кои никогаш не се откажале од желбата за враќање во Унгарија, нивната природна татковина.
Отворено бараат враќање на автономијата на областа во која живеат, а дел од Секељите дури организирале воен камп за обука и подготовка на вооружен бунт против „романската окупација“, а проблемот бил толку сериозен што морало да реагира и полицијата.
Во Полска се наоѓа Шлезија, која се протега како област и во Чешка, па нејзините жители, кои сметаат дека се разликуваат и од Полјаците и од Чесите и од Германците, бараат поголеми права и самоуправа во рамки на обединета Европа.
Во моравската област, која се наоѓа на истокот на Чешка, населението, кое се смета за посебен народ во однос на Чесите, ја обвинува државата дека систематски ја уништува нивната култура и верува дека иднината на Европа е во растурањето на постојните држави и создавање нови.
АВТОНОМИЈА ИЛИ ОТЦЕПУВАЊЕ
Во Германија, Баварците, Лужичките Срби и Фрижаните бараат поголема автономија во однос на централната власт, особено Баварците, кои, и покрај тоа што се Германци, бараат независност во рамки на ЕУ.
Ни во Италија состојбата не е подобра. Паданија, Јужен Тирол, Сардинија и Сицилија се областите каде што се бараат, или поголема автономија, или отцепување.
Во областа Паданија, таканаречената Северна лига, бара отцепување на Паданија, додека во поново време постои и движење за отцепување на областа Венето и обновување на Млетачка Република за што се изјасниле 90 отсто од населението.
Уште поголеми проблеми има Белгија со Фламанија и Валонија, кои некогаш биле делови на Кралството Холандија.
По низа историски случувања и по самостојноста на Белгија, во која доминираат франкофоните Валонци, Фламанците, кои се незадоволни со постоечката состојба, се залагаат за отцепување, некои за конфедерализација, некои за понатамошна федерализација.
Во текот на политичката криза пред неколку години, дури 46 отсто од населението на оваа регија се изјаснија за отцепување.
Слична е состојбата и со Фарски Острови и Гренланд, кои можат секој миг да го актуализираат прашањето за независност од Данска, исто како и Сканеланд од Шведска.
Проблеми, но не со таков интензитет како некои од претходно наведените, имаат и државите во кои живеат Лапонци, Литванија со Самогитија, Летонија со Латгал.
ДВОЈНИ АРШИНИ
Ни Франција не е исклучок, и покрај нејзиниот дволичен однос, па таа има сецесионистички проблеми со Корзика, која во еден период од изминатиот век создала и организирала милитантни групи, кои изведувале атентати и бомбашки напади, а дури бил воведен и неофицијален револуционерен данок.
Но, Франција за Корзика имала друго решение и таа никогаш не ја доживеала судбината на Косово. Помали проблеми, Франција има со Савој, Ница, Алзас, Бретања, Окситанија и Нормандија.
Шпанија, пак, има сериозни проблеми со Каталонија и Баскија, а нешто помалку проблеми и сепаратизам со послаб интензитет во Валенсија, Андалузија, Арагон и Кастиља.
Португалија, пак, има проблеми со помало движење што бара отцепување на Азорските Острови.
Познати се и мошне експлоатирани, па дури и во книжевноста опишани, проблемите што ги има Обединетото Кралство Велика Британија со Велс, Шкотска, Ирска и сметам дека не е потребно посебно елаборирање на истите.
Ако внимателно се изанализираат состојбите и применетите мерки и решенија во рамките на Европа, не може, а да не се заклучи дека едни решенија и реторика се употребуваат и важат во рамки на Европската Унија, а сосема други за Балканот и балканските народи.
ЛАЖЛИВОСТА И ДВОЛИЧНОСТА
Ако немаа двојни аршини и се применуваа истите правила за сите, многу одамна, огромен број на набројаните региони во текстот ќе ја имаа судбината на Косово, а Македонија немаше да ја почувствува на своја кожа лажливоста, дволичноста и перфидноста што Европа и некои од нејзините челници ја применуваат на овие простори, користејќи ја како марионета Бугарија.
Смешна, дегутантна и депласирана е реториката на Европа кога зборува за малцинските права, човековите права и слободи, граѓанските права и правата за самоопределување на народите, а нејзините челници, кои во својот двор прават едно, а нам ни држат придики, сосема спротивни од нивни постапки, личат на ликови од некоја стара трагикомедија.
Македонија е сѐ што имаме и никој нема право да си игра со нејзиното минато, сегашност и иднина и никому не смее да служи за поткусурување. Секој што го прави тоа, не е пријател на овој народ и на Македонија.
Во 21 век доживеавме невиден притисок да го смениме знамето, па по знамето, дојде името, па по името дојде историјата, по историјата на ред е јазикот и којзнае уште од што сѐ треба да се откажеме, за да станеме нешто што не сме и да станеме дел од дволичната, лажлива и извитоперена дружинка.