Зошто предлогот од ЕУ, сепак, е добар

by fokus 19:20
19:20

Во политиката едноставно прифаќате ризик и цените дали со почнувањето разговори за членство тој ризик е поголем од оној со непочнување и одбивање на преговарачката рамка, која не е идеална

Ѓорѓи СПАСОВ

Прво. Со него и со симнувањето на ветото за почнување на разговорите со ЕУ од страна на Бугарија реално се отстрануваат многу небулози и закани, со кои се соочувавме од страна на Бугарија по донесувањето на Декларацијата во бугарското народно собрание и се создаваат пристојни услови за водење на разговорите за членство во ЕУ.

Бугарија реално во овој процес беше принудена да отстапи од многу свои ригидни и неосновани барања кон нашата земја и да прифати, не само симнување на ветото за почнување на разговорите, туку да  прифати тие  разговори да се водат и исполнувањето на условите од страна на Република Северна Македонија да се оценува, не само од Бугарија, туку и од страна на земјите-членки на ЕУ врз основа на вредностите и принципите на кои функционира ЕУ.

Второ. Ние може да оцениме дали условите под кои е симнато ветото од страна на Бугарија ни овозможуваат фер третман во процесот на натамошното преговарање, и ако оцениме дека тие услови не се фер, или се и натаму уценувачки, да не прифатиме почеток на преговорите и целиот процес на преговарање да го вратиме на почеток. Со таа цел и разговараме за овој предлог, кој е веќе предлог од ЕУ.

ПРОМЕНА НА УСТАВОТ

Трето. На прашањето дали почнуваме преговори со ЕУ или и почетокот на тие преговори е условен со нешто, одговорот е дека, за разлика од првиот предлог што го отфрливме, во овој стои дека:

„По одржувањето на Првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и  Република Северна Македонија почнуваат преговорите за членство со скрининг процесот“, кој како и кај сите други земји може да трае од една година до година и пол. Во тој период, Република Северна Македонија треба да го промени Уставот и она за што ниту една од партиите во нашата земја немаше против, деловите на тие народи што досега не беа дел од преамбулата на Уставот; Црногорците, Хрватите и Бугарите да бидат внесени во неа.

Тоа значи дека новата преамбула на Уставот ќе гласи:

  1. Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните што живеат во нејзините граници, кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ, црногорскиот, хрватскиот, бугарскиот и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на својата татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за развој на сѐ што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој  Устав на Република Северна Македонија.

Не е точно дека делот од бугарскиот народ што живее во Република Северна Македонија ќе треба да се спомене во други членови од Уставот, освен во членот 78, во кој ќе стои дека:

„Советот  за меѓунационални односи го сочинуваат: претседателот на Собранието и по двајца членови Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Бугари, Црногорци, Хрвати и двајца членови од другите националности во Македонија. Претседателот на Собранието е претседател на Советот. Собранието ги избира членовите на Советот. Советот ги разгледува прашањата од меѓунационалните односи во Републиката и дава мислење и предлози за нивно решавање. Собранието е должно да ги разгледа мислењата и предлозите на Советот и да донесе одлука во врска со нив.

ПОДДРШКА ОД ЕУ И ОД САД

Со оваа промена на Уставот, Бугарија смета дека се гарантираат граѓанските и малцинските права на Бугарите во Македонија, но станува јасно дека тие се само еден дел од соседните народи што живеат во Република Северна Македонија покрај Македонците, кои се мнозински и посебен народ.

Со таа промена на Уставот, ние само ќе покажеме дека нашата земја не дискриминирала и не дискриминира припадници на ниту една етничка заедница, колку и да е таа малубројна. И затоа промената на Уставот со двотретинско мнозинство не би требало да биде проблем и треба да биде поддржана од сите пратеници во Собранието.

Веднаш по промената на Уставот, ќе биде одржана втората конференција, на која се отвора првиот кластер од преговорите, но и не се проблематизира веќе усвоената преговарачка рамка на првата меѓувладина конференција со која реално почнуваат преговорите.

Четврто. Почитувањето на договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија се дел од преговарачката рамка, како и кај сите земји што преговараа за членство. И тука нема ништо спорно. Во нашата рамка пишува и дека „почитувањето на Договорот за добрососедство ќе се оценува врз основа на: „годишните прегледи и ефективните мерки за имплементација по член 12 од договорот.“

Факт е дека под поимот годишни прегледи се мисли на протоколите изготвени од министерствата за надворешни работи на Република Бугарија и на Република Северна Македонија, во кои се говори за четири работи:

  1. За охрабрување на Комисијата за историски прашања без датуми и условувања; 2. За спречување на говорот на омраза; 3. За отворање на архивите од УДБА; и 4. За почитување на малцинските права.

Бугарија со оваа формулација беше задоволна и објави пред својата јавност дека во преговарачката рамка се прифатени сите нејзини барања.

Но, факт е дека без што било да се спомене во рамката и без членот 12 да се наведе, постои обврска за спроведување на договорите за добрососедство, и секогаш членка на ЕУ, со или без тој член може да стави вето под изговор за „неспроведување на договорот за добрососедство“. Разликата е во тоа што отсега, секогаш кога Бугарија ќе каже дека Република Северна Македонија не го спроведува Договорот за добрососедство, како таа што го разбира, за тоа ќе се дебатира на меѓувладините конференции, меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, на кои нашата земја како земја што веќе почнала разговори за членство има право да ја брани својата вистина и да ја бара поддршката за неа од другите членки на ЕУ, па и од САД, кои ветуваат поддршка во натамошниот процес на приклучување на нашата земја во ЕУ.

РЕАЛНА ОПАСНОСТ

Точно е дека Бугарија и со овој и со кој било друг предлог и преговарачка рамка има право да става вето на натамошните преговори со ЕУ, но, за разлика од досега, ние веќе не сме сами во тие преговори и разговори со Бугарија и сме со многу поголеми шанси да спречуваме блокади и наметнување историски невистини.

Република Северна Македонија ќе го потпише и вториот протокол од разговорите меѓу двете министерства, врз основа на кој ќе се следи имплементацијата на Договорот за добрососедство, но факт е дека тие протоколи се подготвувани и потпишувани, не со намера да не ги почитуваме или да ги изигруваме, туку со цел да изградиме здрави основи врз основа на одбраната на нашиот национален интерес и национален идентитет и врз основа на заемно почитување, без наметнувања и притисок со рокови или со блокирања на процесот.

Можеби преку злоупотребата на правото за блокирање од страна на Бугарија, овие разговори за членство на Северна Македонија во ЕУ да се одолжат или да траат долго. Но, прашање е дали поради таа реална опасност не треба да ги почнеме преговорите за членство и треба да чекаме ветување од некоја бугарска влада или од ЕУ дека по промената на нашиот Устав, веќе не може да постои ниту една причина за кочење на нашиот пристапен процес од Бугарија.

Во политиката едноставно прифаќате ризик и цените дали со почнувањето разговори за членство тој ризик е поголем од оној со непочнување и одбивање на преговарачката рамка, која не е идеална.

Петто. Со преговарачката рамка е утврдено дека сите документи на ЕУ ќе бидат преведени на македонски јазик, без какви било додавки или објаснување. И со тоа македонскиот јазик како една од клучните одредници на македонскиот национален идентитет станува еден од 25-те јазици на Европската Унија.

Бугарија, која и со последните барања пред бугарскиот парламент бараше тој да не биде признаен како посебен јазик, туку само како дијалект на бугарскиот јазик, прифати само пред првата меѓувладина конференција (како еднократен акт) да го соопшти своето мислење за македонскиот јазик дека е дијалект на бугарскиот и прифати понатаму во европските документи и комуникација, македонскиот јазик да се употребува без какво било дообјаснување во фуснота дека тоа е „македонски јазик – според Уставот на Република Северна  Македонија“ или  под некаков астерикс да пишува дека овој јазик Бугарија го признава само како „официјален јазик според Уставот на Република Северна Македонија“.

ОД „АЛБАНИЗАЦИЈА“ ДО „БУГАРИЗАЦИЈА“

По потпишувањето на Преспанскиот договор, ова е можеби најголемата придобивка и потврда за македонскиот национален идентитет, која не треба лесно да се отфрли или пропушти.

Шесто. Никој денес во Македонија нема илузија дека сме добиле идеална рамка за почнување преговори за членство со ЕУ, но не може да биде сигурен и во тоа дека некои други преговарачи во истите околности би постигнале можеби подобра рамка за преговори.

Секој што е незадоволен од оваа рамка и што мисли дека можело подобро, може да протестира и да бара таа да не биде прифатена од Македонија, но треба да има предвид дека сите овие разговори се случуваа во време на големи политички превирања во Бугарија, во време на руската агресија во Украина, во време на губење на кредибилитетот на ЕУ и на нејзино инсистирање за кревање на ветото од Бугарија и на многу кус рок, во кој мораше да се одлучува и да се презема одговорност.

Секако, таа одговорност не е само на владата, но нејзината е најголема.

Владата на Република Северна Македонија, колку што може да се забележи, прифаќа сериозна дебата и критика за својата работа, но барањето на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов за отфрлање на предлогот на ЕУ бидејќи, според него, станувало збор за „подли игри за разнебитување на Македонија“, потсетува на неговата политика, која на крајот доведе до насилствата на 27 април и на кампањите што нѐ плашеа со албанската платформа, која ќе довела до албанизација и федерализација. Зборот „албанизација“ кај него и кај неговите поддржувачи сега е заменет со зборот „бугаризација“. А никако да соопштат која е алтернативата што тие ја нудат.

 

 

 

 

Поврзани новости