Од што се плаши Груевски и зошто спасот го гледа во амнестија?

by Фокус

Gorgi SpasovПишува
Ѓорѓи СПАСОВ

Груевски има многу причини да стравува. Митот за неговата чесност, и чесноста на неговите соработници веќе е доведен сериозно во прашање, барем врз основа на овој избор на неговите бизнис-партнери. Речиси е невозможно сите тие да биле инволвирани во сериозни измами и криминал, а тој во сите бизниси со нив да остана чист и чесен.

За да се спаси од какви било истраги, сите напори на Груевски во овој момент се насочени, пред сѐ, кон блокирање на сите инструменти на правдата. Блокирани се активностите на Специјалното јавно обвинителство на сите нивоа, државното јавно обвинителство се занимава само со „криминалите на опозицијата“, која беше пред 10 години на власт, а Уставниот суд е задолжен да го врати механизмот за амнестија на сите кои правеле криминал под чадорот на Груевски, и по потреба дури и да го прогласи за неуставно Специјалното јавно обвинителство.

Ако сето ова му помине на Груевски пред очите на домашната и на меѓународната јавност, тогаш изборите навистина ќе бидат непотребна политичка фарса. Ако криминалот остане неказнет и се испрати пораката дека тој е исплатлив кога се прави под силна политичка заштита, тогаш дури и промената на власта станува бесмислена.

Груевски и неговата тајфа веројатно не спијат мирно. Клучната причина за тоа е што неговите најблиски бизнис-партнери од странство се веќе в затвор или се под сериозна истрага и обвиненија.

ГАЗДА НИНИ

Така, на пример, човекот на кого Груевски му ја продавал Македонска банка за милиони евра уште во 2003 година, познатиот Јовица Стефановски, познат како Газда Нини, и кој се појави на судот во Скопје за да ја потврди приказната на премиерот дека тој е лажно наклеветен од Зоран Заев, според информации од ТВ Б92, бил веќе апсен во 2010 година во аферата „Србијалек“ и осомничен за криминал во висина од 5 милиони евра, а во 2012 повторно уапсен во аферата „Југоремедија“, во која направил криминал за 7,5 милиони евра. Малку е веројатно дека овој сведок на Груевски не правел криминал и со него.

ГРКОТ КОНДОМИНАС

Груевски и неговата група околу власта уште повеќе може да стравуваат од апсењето на грчкиот милијардер Кондоминас, со кого има правено и прави бројни бизниси во Македонија. Според информациите од порталот Фактор по, контроверзниот грчки милијардер Кондоминас, кој е сопственик на грчката телевизија „Алфа“, во јануари 2014 година бил издаден налог за апсење, за скандалот со сомнителните кредити што поранешната Поштенска банка им ги доделувала на локални бизнисмени. За да се брани од слобода, определена му е сума од 5 милиони евра кауција.

Во Македонија, Кондоминас најчесто се спомнува во врска со аферата „Маѓар телеком“. Тоа е аферата во која компанијата што котирала и на Њујоршката берза е веќе казнета за корумпирање политичари во Македонија што земале поткуп во износ од милиони евра за да ѝ биде продолжен монополот на таа компанија на македонскиот пазар. Таа афера никогаш не доби разврска во Македонија.

Но, откако беше објавено сведочењето на Слободан Богоевски пред судот во Њујорк, стана јасно зошто Груевски и судството не дозволуваат процесуирање на таа афера. Деновиве стана јасно дека тие не ѝ го даваат предметот за „Маѓар телеком“ ниту на специјалната јавна обвинителка, која го побара од нив, најверојатно во очекување тој да застари и да нема основи да биде гонет кој било за стореното дело.

Причината за овој страв на Груевски, веројатно, не е само големата корупција во која бил вклучен и неговиот сегашен коалициски партнер, ниту аферата „Аналитико“, во која се корумпирани сегашни функционери на неговата партија, туку и фактот што од сведочењето на Слободан Богоевски пред судот во Њујорк се дозна дека близок роднина на Груевски има примено над 2 милиони евра од грчкиот милијардер Кондоминас за запирање на истрагата во овој случај, против Кефалојанис, кој бил бизнис-соработник на Кондоминас.

Ако се процесуира предметот за „Маѓар телеком“ во Македонија, Кондоминас може ќе си ги побара назад дадените два милиони евра за блокирање на македонското обвинителство и ќе излезат многу други непријатни работи, не само за Груевски, туку и за неговите коалициски партнери во власта.

ЗАГОРАЦ И КАСА-ПРИМИ

Има уште еден непријатен сведок за тајфата на Груевски, кој е во бегство во странство.Тој се вика Загорац Тумбовски и бил еден од директорите на „Јака“ Радовиш. Тој се појави во јавноста со тврдење дека на Гордана Јанкуловска со каса-прими ѝ дал 500 илјади евра за финансирање на партијата, и дека тоа може да го докаже на суд. zagoracНо, никогаш не беше повикан за да го докаже тоа, а Гордана Јанкулоска ги отфрли обвинувањата со тврдењето дека тој е „криминалец“ кој е во бегство, а во земјава е осуден во отсуство, на шест месеци затвор. Сепак, тие белешки од каса-прими со потписот на Јанкулоска, во секој момент може да се појават како докази, заедно со заштитен сведок. Оттука и на Катица Јанева сѐ уште не ѝ се овозможува да има свои заштитени сведоци.

БЛАМАЖАТА СО СУБРАТА   

Најголемата бламажа Груевски ни ја приреди секако со индискиот милијардер Субрата Рој. Тој беше најавуван и гостен со месеци од Груевски и од Ставрески како човек кој „открил“ дека  Македонија е „земја без корупција“ со способна влада. Ветуваше дека  ќе го развие казино-туризмот во Охрид и ќе инвестира стотици милиони евра, ќе донесе 20 илјади крави во Овче Поле, а за таа цел му беа дадени 5-6 илјади хектари најплодна земја под концесија, ќе донира споменик на Мајка Тереза, кој ќе чини 5 милиони евра и дека со неговите инвестиции ќе почне светлата иднина во Македонија. Но, човекот во Индија го уапсија под сериозни обвиненија.subrata-roj-spomenik-majka-tereza-645x310Според пишувањата на светските медиуми, тој е обвинет од Врховниот суд на Индија за измама во висина од над 4,5 милијарди долари. Без пари, за да си ја плати кауцијата, тој остана в затвор и може да проговори за неговите бизниси со македонската влада. Таа влада, всушност, во итна постапка им даде државјанство на неговата сопруга и на неговиот син, кои имаат право да гласаат на следните избори во Македонија.

СКАНДАЛОТ СО „АКТОР“

Но, и со тоа не завршува списокот на незгодните бизнис-партнери на Груевски. Опозицијата во Македонија го откри скандалот со грчката градежна компанија „Актор“, која го доби тендерот од македонската влада за изградба на автопатот од Гевгелија до Смоквица, со понуда повисока за 40 милиони евра од најдобриот наддавач.

Опозицијата објави документи дека оваа компанија, откако владата ѝ уплатиле 35 милини евра од првата рата, од банката во Неготино исплатила во кеш 3,5 милиони евра (или 10 отсто) на лица што ги подигале од банката и ѝ ги давале на благајничката од „Актор“. На тие кеш пари не им беше откриена трагата.Gruevski AktorНиту една од државните институции во Македонија за тој случај на евидентно перење пари не покрена каква било истрага. Но, во Грција е обвинет еден од директорите на оваа компанија, Баболис. Според грчките медиуми, Баболис во април минатата година е уапсен под обвинение за даночно затајување и пуштен да се брани од слобода откако платил 1,8 милиони евра кауција. Тој во текот на истрагата може нешто да каже и за бизнисите со македонската влада.

БРАЌАТА ЈЕРЕМИЌ

Сепак, еден од најопасните сведоци за криминалот на Груевски би можел да биде еден од браќата Јеремиќ, сопственици на леарницата во Србија, во која се излеани најголемиот број споменици за проектот „Скопје 2014“. Според извештајот што го подготвија поранешните антикорупционери Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, по промената на власта во Општина Центар останаа неразјаснети цели 11 милиони евра потрошени за тој проект само во Општина Центар.

Според порталот Академик, во таа леарница се излиени 28-те споменици поставени на мостот Око. Прометеј, Јане Сандански и многу други од проектот „Скопје 2014“.

Но, во мај 2013 година, сите весници објавија дека во аферата „Галеника“, меѓу осумте уапсени, е и Миодраг Јеремиќ, сопственикот на леарницата Јеремиќ.

Според пишувањето на ТВ 24 Вести, директорите на „Галеника“ трошеле пари и за скулптури, кои во договор со леарницата ги плаќале по 20 пати повисоки цени од реалните, со што „Галеника“ била оштетена за околу 2 милиони евра. Една од скулптурите била платена 650 илјади евра, а не била ниту земена бидејќи било утврдено дека нема уметничка вредност. Леарницата Јеремиќ, од македонските власти има добиено околу 2,8 милиони евра, а најскапиот договор го има склучено Град Скопје за релјефи и канделабри на оградата кај „Холидеј ин“ во висина од 1 милион евра. По апсењето на Миодраг Јеремиќ, ниту македонското обвинителство, ниту Државната комисија за спречување на корупцијата не покажале интерес да проверат дали се случувало нешто и во бизнис-релацијата меѓу леарницата Јеремиќ и македонските клиенти.

КИНЕСКА ШЕМА

За бизнисот на владата со кинеската компанија „Синехидро“, која ја доби зделката со изградбата на автопатиштата во Македонија, имавме можност да слушнеме веќе од емитуваните бомби на Зоран Заев. Во еден од разговорите, Зоран Ставрески како министер за финансии ѝ се жали на министерката на полицијата, Гордана Јанкулоска, дека Груевски го тера да потпише договор со кинеската компанија за изградба на автопатиштата вреден 700 милиони евра без тендер и без закон.mile janakieskiНо, откако со закон ѝ е овозможено на таа компанија без тендер да ја изведува работата со кредит кој ќе го земе македонската влада од кинеска банка, тогаш почнале разговорите за провизијата. Груевски го прашува министерот за транспорт, Миле Јанакиески, колку да им се побара на „жутите“, а овој му одговара 5 отсто и дека се тоа околу 25 милиони евра коруптивни пари за нив од кинеските изведувачи. Овој случај треба да го истражува Специјалното јавно обвинителство, ако добие можност. Но, треба нешто да се знае за кинеската компанија што ја одбрал Груевски за бизнис.

За  неа, економскиот експерт Максвел Саунгвеме од Зимбабве изјавува: „Кинезите се омилени инвеститори на корумпирани владини функционери затоа што нивните инвестиции доаѓаат со многу малку услови за теми, како етика, еколошка заштита, корупција, владеење на правото“.

Оваа компанија со која зделки направил Груевски е според Дојче веле, привремено суспендирана од Светска банка поради корупција.

ГАСОВОД И ТИМОЧЕНКО

Ако Специјалното јавно обвинителство не открие корупција во случајот со кинеската компанија што ги гради автопатиштата во Македонија, тогаш треба да се позанимава со начинот на кој се гради гасоводот од Клечовце до Неготино.

genadij timochenko

Генадиј Тимоченко

Овој гасовод го гради руската компанија „Стројотрансгас“, а инвестицијата чини 75,7 милиони евра. Таа компанија е во сопственост на олигархот Генадиј Тимоченко, кој е на листата на лицата санкционирани од САД во врска со кризата во Украина и припојувањето на Крим кон Русија.

Според  информации од опозицијата, кои ги објавува ТВ Алсат М во физибилити студијата за изградбата на овој гасовод, изработена од владата во 2009 година, било предвидено гасоводот да чини 24 милиони евра, а не 75,7 милиони колку што е договорно со Стојотрансгас. И никој до сега не побарал објаснување за тоа што го поскапело овој гасовод за трипати.

Владата на Груевски, секоја година од буџетот троши над една милијарда евра за јавни набавки. Веќе слушнавме како се набавувала опремата за полицијата за која до последен момент се тврдеше дека била грант од израелската влада,  но за која набавувачот требало да исплати пари на сметки во унгарски банки за потребите на фамилијата на власт во Македонија. Не разбравме како се набавуваа автобусите од Кина за кои тендерите се поништуваат по стопати, хеликоптерите од Украина додека Груевски беше министер за финансии и многу други работи.

Но, центарот за граѓански комуникации кој ја анализира состојбата со јавните набавки, објави дека само во првите 9 месеци во 2013 година, владата потрошила 47,7 милиони евра за јавни набавки за кои не бил распишан оглас (а тоа значи со договор во четири очи), а на секој трет тендер се јавувал само по еден понудувач со кој бил склучуван договор.

Тоа е веројатно причината поради која Груевски сака, не судот и не Специјалното јавно обвинителство, туку народот на избори да кажел дали имало криминал во земјава. Тоа е причината поради која тој ги блокира сите судски инстанци и спасот го гледа во можна амнестија доколку тој или некој од неговите биде обвинет и му се докаже вина за сериозна инволвираност во криминални активности.

Но, што и да се случува, секогаш постои можност некој од овие сомнителни партнери на Груевски да проговори и да се дознае вистината. Затоа Груевски има многу причини да стравува. Митот за неговата чесност и чесноста на неговите соработници веќе е доведен сериозно во прашање, барем врз основа на овој избор на неговите бизнис-партнери. Речиси е невозможно сите тие да биле инволвирани во сериозни измами и криминал, а тој во сите бизнис со нив да остана чист и чесен.

 

 

Поврзани новости