Од самба во Штип, за малку до казна во Идризово!

by Фокус

Кривичниот суд го ослободи познатиот Холанѓанец Питер Џон Босе од вина за кривичното дело „лажно пријавување“. Во нов процес, по иницијатива на Босе, судот оцени дека тој не ја излажал полицијата кога пријавил  дека семејното возило му е украдено.

Иако автомобилот бил кај сопругата, а тој не знаел, му беше поднесена пријава дека лажно пријавил. Првично во судската постапка  бил казнет со парична казна од 1 400 евра, но тој ниту знаел дека има процес, ниту пак некогаш бил во судница да ги изнесе аргументите.

Откако изминал рокот за извршување на паричната казна, полиција во февруари годинава го приведе со намера да го пренесе во затвор од четири месеци, одреден во име на неплатената пресуда. За цела среќа, истиот ден Џон Босе успеа да плати 1 400 евра и така не заврши зад решетки.

Потоа побра нов процес затоа што за првиот немал никаква информација и бил осуден во отсуство. Во тој, повторениот, е ослободен од одговорност. Сега ќе има право да покрене постапка за исплата на отштета.

За парите кои ги платил, но и за неколку месечниот стрес, еве што напиша Босе на неговиот Фејсбук профил:

Today happy news after lots of stress with the arrest by police in February 14th, I was wrongly accused and the Macedonian court dropped all the cases against me!

Thank you all friends who believed in me and the nice article about me in Fokus magazine who also believed I was wrongly prosecuted!

Again the last word in not spoken and I will demand a financial compensation for all I lost!

Преведено на македонски:

„Денеска среќни вести после многу стрес поради апсењето од страна на полицијата на 14-ти февруари. Јас бев неправедно обвинет, а сега македонскиот суд ги отфрли сите обвиненија против мене!

Ви благодарам на сите вас, мои пријатели кои што верувавте во мене, и за убавиот напис во Фокус, кад еисот така веруава дека усм неправедно прогонуван!

Уште еднаш, последниот збор не е кажан и јас ќе барам финансиска надокнада за сѐ што изгубив!“

Во продолжение го реобјавуваме текстот од 21-ви март 2014-та, со кој што неделникот „Фокус“ беше првиот медиум во Македонија што јавноста ја извести за проблемите што Босе ги имаше со македонското судство.

По 30 години живот, творештво и дејност во Македонија, Питер Џон Босе, скромниот Холанѓанец и граѓанин на Скопје е пред сериозна дилема – дали да го напушти градот во кој поминал половина живот и пензионерските денови да ги троши во родната земја или, пак, да ја продолжи битката со правниот систем во Македонија, кој му го попречува престојот.

Како странски државјанин, Питер секоја година се пријавува во полиција, а со тоа остава и податоци за адресата на која живее. Со оглед дека цел живот останал под кирија, промената на живеалиштето му е постојана – оттаму и потребата да ја исполнува законската обврска да го известува МВР. Низ трите децении, исполнети со драматични моменти, тој немал посериозен проблем да се пријави и да добие документ од полицијата дека е легално населен во Скопје.

Но, пред неколку недели дознал дека можеби нема да успее одново да го пријави својот привремен престој затоа што е кривично осуден. Поради тоа се плаши дека не ги исполнува условите за да може законски да живее во Скопје. Законот забранува странско лице, осудено над три месеци затвор, да пријави престој. Во случајов тој морал да одлежи четири, но среќна околност е што казната првично била парична.

Изненаден од судската пресуда и од сознанието дека воопшто бил кривично гонет, Џон Босе деновиве се подготвува за финална битка со судот. Има малку време да докаже дека пресудата против него е погрешна и дека одново заслужува да има полициски потпис за скопско жителство. Извесно е дека судот ќе мора да закаже нов процес затоа што првата пресуда ја донел во отсуство на Питер Џон Босе. За пресудата тој не знаел ништо, но откако дознал, го искористил правото да побара ново судење, чиј рок е една година од дознавање на пресудата.

НАМЕСТО ВОДОИНСТАЛАТЕРИ, ПОЛИЦАЈЦИ ЗА ИДРИЗОВО

Едно утро, пред десетина дена, Питер непријатно се изненадил од ненајавени посетители. Додека очекувал да пристигнат водоинсталатери затоа што имало поплава во зградата, пред неговата врата во ходникот се исправиле полицајци. Од нив ја слушнал непријатната вест дека мора да се спакува и за половина час да се пријави во затворот Идризово на издржување казна затвор од четири месеци. Изненаден од зборовите на полицајците и во страв дека ќе попушти со срцето, замолил да му се објасни каква пресуда има, за кое кривично дело и дали затворската казна е неопходна во моментот.

Како што пренесува самиот Питер, инспекторот бил коректен, а полицискиот службеник му бил познајник, па иако процедурата предвидува транспорт во затвор без објаснување, тој имал ретка можност да слушне зошто ќе биде пренесен во Идризово. Откако му било предочено дека нема платено парична казна на име на пресуда во висина од 1.400 евра за лажно пријавување кривично дело и дека за тоа мора да одлежи четири месеци затвор, тој имал привилегија полицајците да му остават неколку часа да ги уплати парите во банка, за да се обиде да се извлече од затвор.

Одеднаш, битката со надојдената вода во зградата морал да им ја препушти на соседите и да влезе во трка со времето; да обезбеди 1.400 евра и да ги уплати до 17 часот. Со мислата дека слободата му е помила од робија, тргнал во првата фаза од битката со правниот систем.

А, дека полицијата е сериозна во намерата да го пренесе во затвор му покажала сликата пред зградата. Кога слегол, таму имало и полициски возила и уште полицајци. Целата група била подготвена да го транспортира до Идризово човекот кој првпат утрината слушнал дека има пресуда. Во недостиг од пари и празни сметки, сумата ја позајмил од еден негов колега, новинар од Холандија.

Неколкуте часа за трансфер на парите му биле кошмар. Со лисици на рацете, опколен од полициски инспектори, од шалтер на шалтер, успеал да ги обезбеди парите. Во последните минути од работното време на една банка, која, за среќа, работела еден час повеќе од другите, ги уплатил парите на име на пресудата. Полицајците заминале, но не со него, туку со потврдата дека пресудата е платена.

Питер останал со неверување дека денот го поминал со полиција низ скопските улици за да плати казна за која никогаш не слушнал дека му е изречена, но и со желба да открие зошто за малку ќе завршел во затвор.

ПРИЈАВИЛ ДЕЛО, НЕ ЗНАЕЛ ДЕКА Е ЛАЖНО

Во 2010 година, Холанѓанецот и неговата поранешна сопруга имале три семејни автомобили. Решиле едниот, „пежо 306“, да го продадат. Откако се договориле да се сретнат едно утро на паркинг заедно со заинтересираниот купувач, Питер се изненадил кога не му се појавил никој во закажаното време. Останал исплашен неколку минути.

Прво што му текнало е да ѝ се јави на сопругата, која во моментот се оправдала со обврски дека не може да зборува. Помислил дека „пежото“ било украдено во текот на ноќта и заминал во полициска станица да пријави. По неколку дена било откриено дека возилото е кај екссопругата на Џон Босе. Со тоа и со скромното познавање на македонските закони тој мислел дека полицијата, откако го пронашла возилото, го затворила предметот.

Ни во сон не можел да помисли дека неговата пријава за украден автомобил, за кој не знаел дека е кај сопругата, ќе се претвори во кривично дело „лажно пријавување“. Потоа следувала познатата процедура – полицијата пријавила во обвинителството, тоа покренало акт, а судот, во отсуство, пресудил 1.400 евра казна. Но, грешката е направена со тоа што Питер Џон Босе во ниту еден момент не примил ниту пријава, ниту обвинение, ниту, пак, покана од судот.

Пресудата, според решението за затвор, била донесена уште во ноември 2010 година, но затоа што рокот за извршување истекувал оваа година, судот и полицијата побрзале да го уапсат. Била издадена и потерница. Соочен со платена казна и купена слобода, Питер преку адвокат поднел барање во судот за старт на судскиот процес за делото „лажно пријавување“ од почеток.

„Не можам да верувам дека четири години ниту една надлежна институција не ме известила дека лажно сум пријавил, дека ми се суди и дека има пресуда од 1.400 евра, која подоцна се преиначила во четири месеци затвор. Каков правен систем е ова?“ – се прашува Холанѓанецот од Скопје.

Очекува дека судот ќе закаже нов старт на процесот за да може да ја докаже невиноста и со тоа, не да ги поврати парите, туку, пред сè, да му се избрише кривичното дело од досието за да може одново да биде легално пријавен жител на градот, без дамка во неговото досие.

„Секогаш кога сум менувал адреса или ми истекувал рокот на престојот, сум ја известувал полицијата и затоа судот можел лесно да ме пронајде“ – уверува Џон Босе.

На потег е судот, кој ќе мора да го има предвид фактот дека и екссопругата ќе сведочи на негова страна, односно дека Питер немал намера да ѝ наштети, односно лажно да пријави дека им исчезнало „пежото“. Дури и таа не знаела дека има судски процес за екссопругот.

Ќе ја напуштам Македонија ако законот не ме заштити. Не сакам да верувам дека законот не е еднаков за сите, односно дека важи правилото – кој има пари си купува и право“ – реагира Питер и се надева дека за неколку недели ќе успее да го добие процесот.

Откако ја раскажа приказната за „Фокус“, кај Питер, сепак, можеше да се насети дека нема лесно да се откаже од животот во Македонија и дека ќе се бори со правните средства што му стојат на располагање. Ако загуби, иако верува во однапред загарантирана победа, ќе отпатува за Холандија. Тоа ќе му биде тешка животна одлука.

На крајот, ако биде ослободен во новиот процес, ќе има желба да се пријави и да го продолжи животот во Скопје. Доколку му ја потврдат паричната казна, сепак, може да се извлече затоа што не е затворска, а со тоа ќе му биде овозможен понатамошен престој. Но, во тој случај, Џон Босе би останал разочаран од правниот систем во земјава, а одлуката дали пак да се пријави во МВР или да одлета ќе му биде полесна за донесување!

КРИВИЧЕН СУД: ЗАКОНОТ НАЛАГА СУДЕЊЕ ОД ПОЧЕТОК АКО БАРАЊЕТО СЕ ПОДНЕСЕ НАВРЕМЕНО

Доколку осудениот во отсуство поднесе барање за ново судење во негово присуство во рок од една година по дознавањето за пресудата, тогаш судот позитивно одговара на барањето и закажува старт на ново судење. Во конкретниот случај, предметот на Питер е предаден во Вишото јавно обвинителство кое позитивно се изјаснило, но Кривичниот суд треба конечно да одлучи дали ќе му овозможи на Холанѓанецот да му се суди од почеток.

Џон Босе поднел барање во судот неколку дена откако дознал дека му е пресудено, па дури и дека е издадена потерница за негово апсење.

МВР: ПРЕСТОЈ САМО ЗА НЕОСУДУВАНИ

Според Законот за странци, на секој што ќе се најде во затвор повеќе од три месеци му се одзема правото за привремен престој во Македонија. А, постојаниот престој се одзема кога некој е осуден над една година затвор. Судот многупати изрекува мерка „протерување“ од државата, кое се реализира многу брзо по судската одлука. За некои помали кривични дела, може да му се остави рок на осудениот странец до кога смее да остане на територијата на Македонија. Во МВР има такви случаи, кои се следат според датумите и се проверуваат дали странците заминале од државата. Во конкретниот случај ќе мора да се почека судската одлука за да знае полицијата како да постапи.

КАДЕ Е СКРИЕНАТА КАМЕРА?

Во моментот на приведување, Питер препознал еден од полицајците и тогаш му олеснало оти помислил дека станува збор за „скриена камера“. Откако ги ислушал полицајците кои биле сериозни во обидот да го пренесат во затвор, тој низ шега ги прашал каде им е скриена камерата и од кое шоу се „преправените“ полицајци. Но, од гримасата на полицаецот-познајник сфатил дека, сепак, службените лица немаат камера, туку само решение со кое ќе го уапсат и ќе го затворат.

АМЕРИКА МУ ПРИЗНА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ЗАСЛУГИ

При поставувањето на споменикот на писателот од Холандија, Ден Долард, („Свадбата на седумте Цигани“, книга посветена на Охрид) во Охрид, тогашната американска амбасадорка во Македонија му предала благодарница на Питер Џон Босе во име на САД за придонесот во туристичката и културната промоција на Македонија. Тој е амбасадор на Црвен крст и промотор на македонските вина на холандскиот пазар. Дел од новите тури во последните години со холандски гости во Охрид се во негова организација.

Инаку, Питер е првенствено новинар. Известувал од војната во Босна за државната телевизија на Холандија. Траумите од тој период му се одразиле на здравјето. Потоа известувал и од конфликтот во Македонија во 2001 година. Зад себе има документарни филмови и многу телевизиски стории. Македонската јавност го запозна со настапот на „Макфест“ во 1988 година со песната „Колку сакам самба“.

Поврзани новости