Решението со кое Кривичниот совет му одреди притвор на бизнисменот Сеад Кочан, мистериозно исчезна од веб сајтот на Основниот суд Скопје 1. Решението беше објавено на 10 март годинава, во кое на долго и на широко Кривичниот совет ја образложи својата одлука зошто Кочан треба да оди во притвор, но сега не може да се пронајде.
Од Кривичниот суд ни појаснија дека решението било објавено на стариот веб сајт на судот, па затоа најверојатно не може да се пронајде на новиот сајт. Но, на нашата забелешка дека и на новиот сајт има решенија кои се од постар датум, ни посочија дека одговорноста е во Врховниот суд, бидејќи тие ја имаат надлежноста да ги префрлат сите содржини.
Во решението се наведуваше дека Кривичниот совет, ја уважува жалбата на Специјалното јавно обвинителство и одлуката на судијата на претходна постапка ја преиначува со мерка притвор, наведувајќи низа агрументи. Во меѓувреме , пак, претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, истакна дека највисокиот суд го укинал ова решение бидејќи немало докази со кои се укажувало на вина на Кочан.
Но во решението, кое веќе не може да се најде на сајтот, пишуваше дека Советот ги ценел наводите изнесени во жалбата и нашол дека судијата на претходна постапка погрешно оценил дека не постои опасност осомничениот да се крие или други околности што укажуваат на опасност од бегство, како на пример, дека не постои основан страв дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, или особени околности дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите и дека не постојат особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело.
„На опасноста од бегство, по наоѓање на овој Совет, а како што основано се наведува во изјавената жалба, укажуваат личните прилики на осомничениот. Судијата на претходна постапка донел погрешен заклучок дека постои мала веројатност за бегство од причина што осомничениот има постојани месечни примања и е во работен однос, но факт е дека осомничениот С. К. е Управител на друштвото М… Компани, на кое сопственик е неговата сопруга А. К., па оттука произлегува логичен заклучок дека и покрај тоа што осомничениот е во работен однос истиот може да се даде во бегство.
Осомничениот е имотен човек, што укажува на тоа дека може да се даде во бегство, бидејќи истиот поседува ресурси кои би можеле тоа да му го овозможат. Преку материјалните средства што тој ги поседува, осомничениот може непречено да реализира напуштање на границите на РМ и обезбедување на засолниште во странство, дотолку повеќе што неспорен е фактот дека тој многу често патува надвор од земјата. Во таа смисла, во услови кога на осомничениот не му е ограничено неговото движење бидејќи поседува патна исправа, согласно понапред изнесените причини може да се даде во бегство и да се крие, односно да стане недостапен на органите на прогон.
Советот цени дека видот, карактерот и тежината на кривичното дело кое му се става на товар, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 5 години, се околности кои исто така генерираат опасност од бегство.
Во корелација со претходно наведените околности за кои Советот наоѓа дека укажуваат на опасност од бегство, е и специфичноста на кривичното дело кое е предвидено во глава дваесет и петта од Кривичниот законик, каде објект на заштита се јавните финансии, платниот промет и стопанството.
Со кривичните дела кои се предвидени во оваа глава од Кривичниот законик, државата има за цел да обезбеди правна и друга заштита на вредностите како што се приватната сопственост, слободата на пазарот, заштита од монополско однесување и да ја гарантира сигурноста на платниот промет како артерија низ која се одвиваат финансиските и стопанските текови.
Советот смета дека, судијата на претходна постапка погрешно оценил дека околноста што осомничениот има семејство, цврсти роднински врски во земјата и дека нема роднини надвор од државата, укажуваат на мала веројатност од бегство.
Исто така, Советот цени дека фактот на кој се повикува судијата на претходна постапка, дека на осомничениот му било познато дека обвинителството ќе предложи да се определи мерка притвор, но и покрај тоа сам се јавил на поканата на судот на рочиште за испитување, не претставува доволна гаранција дека истиот во понатамошниот тек на постапката нема да се даде во бегство“, пишува во образложението на Кривичниот совет.
Според истрагата на СЈО, обвинетите фалсификувале документи со кои добиле тендер од 17 милиони и 200 илјади евра од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Овие три фирми на тендерот настапиле како конзорциум, а главен носител била „Транс мет“.
Валентина Вурмо