На пешачки премин на 13 јули загина велосипедист од Скопје, кој беше прегазен од 20 годишник со автомобил. Овој несреќен случај го навлече гневот на јавноста но и на велосипедските здруженија. Од почетокот на јули, ова е втор смртен случај на велосипедист, откако ден порано загина жител на Врапчиште.
„Во периодот од 01.01.2021 година до 30.06.2021 година на територијата на Република Северна Македонија, случени се 127 сообраќајни незгоди во кои учествувале велосипедисти. Во четири сообраќајни незгоди животот го загубиле четири велосипедисти и тоа двајца велосипедисти во на подрачјето на СВР Скопје и двајца на подрачјето на СВР Охрид, а во 123 сообраќајни незгоди, 123 велосиедисти се здобиле со повреди“, ни истакнаа од МВР.
Од граѓанската иницијатива „На Точак“ побара строги казни за предизвикувачите на несреќите, во кои се почесто се повредувани велосипедисти.
„Сакаме Обвинителство кое правилно ќе ги квалификува овие злодела и нема да го привилегира неодговорното управување со 2-тонско возило како активност во која е дозволено да се греши. Одговорноста е еднаква како при управување со оружје. Сакаме Суд кој нема веќе да досудува условни казни за убијци. Сакаме новинари кои нема веќе да ги користат термините “незгода“ и “несреќа“ туку „убиство“ или барем „удар“/„судир“. Не се работи за гребнатинки и во 99 отсто случаи не се работи за случки вон човекова контрола“, велат од граѓанската иницијатива „На Точак“.
Според Кривичниот законик, член 300:
(1) Ако поради делото од членовите 297 ставови 1 и 2, 298 став 1 и 299 ставови 1 и 2 или некое лице е тешко телесно повредено или настапи имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.
(2) Ако поради делото од членовите 297 ставови 1 и 2, 298 став 1 и 299 ставови 1 и 2 настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.
(3) Ако поради делото од членовите 297 став 3, 298 став 2 и 299 став 3 настапи тешка телесна повреда на некое лице или имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(4) Ако поради делото од членовите 297 став 3, 298 став 2 и 299 став 3 настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.
Јорданчо Цветаноски