Од обвинителството не откриваат кои функционери ќе ги повикаат на распит за крвавиот четврток

by fokus

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека деновиве во нивните простории се повикани граѓани кои треба да дадат исказ во врска со крвавиот четврток, што се случи на 27-ми април, во Собранието.

-Во наредните денови тимот на јавни обвинители кој постапува по овој предмет во континуитет ќе повикува лица заради прибирање на потребни известувања, а ќе презема и други дејствија на прибавување на писмени известувања, докази и нивно проучување. Обвинителството појаснува дека постапката по овој предмет е предистражна, што значи дека се прибираат докази заради оцена дали во настанот кој се истражува има дејствија и обележја на кривични дела и кои се нивните извршители, по што ќе се донесе јавнообвинителска одлука дали има основано сомневање за отворање на истрага, велат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека не можат да дадат повеќе детали за лицата кои се повикани, бидејќи ја почитуваат пресумцијата на невиност на секое лице.

– Обвинителството го разбира зголемениот медиумски интерес, но почитувајќи ги напред кажаните законски и етички норми, не може да даде податоци за повиканите лица во смисла на тоа дали истите се носители на јавни или други функции, работни места и слично. Ќе бидат повикани сите лица без оглед на нивниот личен, општествен статус или положба, единствено само врз основа на еден критериум – дали за лицата има докази од кои произлегува дека истите би можеле во оваа оваа фаза од постапката да дадат известувања за утврдување на околностите поврзани со конкретниот настан, велат од обвинителството.

Поврзани новости