Според податоци од МЗ, од вчера Неготино се најде на листата на единаесетте градови во земјава во кои нема активни случаи на корона вирус. Од почетокот на пандемијата лани, во градот се инфицираа 2.184 лица, а дури 60 починаа од последици на вирусот.
Првите два позитивни случаи беа регистрирани на 15-ти април минатата година, а бројките на новорегистрирани случаи на дневно ниво беа највисоки лани во ноември, како и годинава кон крајот на февруари и почетокот на март.
Голем број од позитивните беа хоспитализирани во ковид болницата во Кавадарци, а потешките случаи се препраќаа во скопските клиники.
Иако состојбата со вирусот се смирува на ниво на цела држава, здравствените власти апелираат на почитување на актуелните мерки за заштита, а министерот за здравство Венко Филипче изјави дека будно се следи епидемиолошката состојба.
Наредната недела ќе се засили темпото на вакцинација и предвидено е да се вакцинираат од 10 до 15 илјади лица дневно, на ниво на целата држава. Се апелира граѓаните да се пријават за имунизација, со цел надминување на состојбата со вирусот, од кој во земјава беа потврдени дури 155.627 случаи, а 5.477 лица починаа. Моментално се активни 273 случаи.
Вики Клинчарова