Одложена отплата на кредитите за нови шест месеци, заклучно со март 2021 година овозможуваат банките, но тоа ќе важи само за оние кои имаат реална неопходна потреба за одложување.
Ваквата одлука ја соопшти Народната банка вчера, а следеше по неколкуте одржани состаноци со Македонската банкарска асоцијација со цел да им се помогне на клиентите погодени од пандемијата.
– Условите и начинот на промена на договорените услови за втор период на одложување на отплатата на обврските по основ на кредит треба да го дефинираат банките. Се очекува во своите понуди, банките да имаат јасно дефинирани критериуми за одобрување на втор период на одложена отплата, со цел да се помогне на клиентите кои се погодени од ковид-кризата. Истовремено, се очекува начинот на промена на договорните услови да биде најсоодветен за клиентите и да овозможи брз, сеопфатен и ефикасен пристап до сите коишто имаат објективна потреба од натамошно олеснување на финансискиот товар заради ковид-кризата, а истовремено да се заштити и нивното здравје, информираа од централната банка.
Вториот период на одложена отплата на кредитите може да трае до 6 месеци, односно до крајот на март 2021 година.
Според Народната банка регулаторната можност банките на своите клиенти да им понудат и втора промена на договорните услови за кредитни производи треба да придонесе за натамошна поддршка на економијата во целина, во справувањето со предизвиците наметнати од ковид-кризата, велат од Народната банка, додавајќи дека постојано се следи развојот на настаните и потенцијалните ризици и доколку е потребно навремено ќе реагира со натамошни мерки.
По ваквата одлука од Македонската банкарска асоцијација информираа дека банките ќе овозможат втор период на одложена отплата на кредитите само за клиентите кои имаат реална, неопходна потреба, за оние што останале без работа, имаат намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и слично.
-Вториот период на одложена отплата нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата, истакнаа од МБА.
Детални информации ќе објави секоја банка на својата интернет-страница во најкус можен рок, а од датумот на објавата, клиентите ќе имаат рок до 10 дена да се изјаснат дали им е неопходен втор период на одложена отплата.
– Граѓаните се охрабруваат да пристапат до својата банка преку нејзината интернет-страница, или преку други канали за комуникација определени од банката, и да побараат да се вклучат во постапка за одложена отплата. Притоа ќе треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата: намалени приходи, изгубено работно место и/или настанати потреби за лекување во изминатиот период, по што овие барања ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука, појаснуваат од МБА.
Граѓаните ќе имаат можност да користат до шест месеци продолжување на рокот на отплата на кредитите, а доколку сакаат при променети, подобри услови, ќе можат да побараат од банката да се вратат на редовна отплата и пред истекот на периодот од шест месеци.
Првата одлука за одложување на отплатата се применуваше од 1 април и завршува на крајот на овој месец, на 30 септември. Од МБА, истакнуваат дека дел од клиентите одлучиле да се вратат во редовна отплата на кредитите, а сите други согласно договорите за кредитните производи почнувајќи од октомври/ноември ќе продолжат со редовна отплата на обврските.