Од движењето „Македонија блокира“, чии членови протестираат денеска пред Собранието, побараа нивни претставници да влезат во парламентот за да разговараат со пратениците, како би им ги изложиле своите ставови против промена на уставното име.
Тие чекаат одговор од собраниското обезбедување, дали ќе им биде дозволено на тројца или четворица демонстранти да влезат на средба со пратениците.
-Започнува денот Д. Ова е првата фаза. Ако ова помине, има и втора фаза. Оваа марионетска власт не сака да го почитува народот. Дали треба да и дозволиме на оваа збирштина да избрише се што е македонско. Ние сме решени да останеме свои на своето – рече претседателот на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев
Тој додаде дека член на „Македонија блокира“ е на разговор со претседателот Ѓорге Иванов.
Во меѓувреме претседателот на Собранието, Талат Џафери, за 16.00 часот ја одложи пленарната седница која требаше да почне во 12.00.