Сите кои беа присутни на откривањето на споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка, ми дадоа само комплименти! Таму беше градоначалникот на Крушево, голем број на Македонци, од сите нив добив само пофалби за мојата изработка – во телефонски разговор за ,,Фокус” тврди скулпторот Славко Буниќ, кој го изработи споменикот на нашиот легендарен музичар.
Неговата реакција доаѓа по бурните критики кои го преплавија регионот, а во кои јавноста обвинува дека се работи за понижувачко дело, кое нема никаква сличност со ликот на Проески.
Според Буниќ – самоук уметник кој активно твори со децении, реакциите се неосновани. Вели дека фотографијата од споменикот која беше објавена во повеќе медиуми во регионот е направена од лош агол, но во реалност, споменикот бил идентичен. Го правел три месеци, според фотографија на Тоше и бил задоволен од крајниот резултат.
-И јас самиот, кога ја видов таа фотографија која се објави насекаде, си реков, ма ова не е Тоше! Како можеше да се слика од толку лош агол! Во живо, сликата е сосема поинаква, идентичен е споменикот! Сите кои сакаат, можат да дојдат во Нова Градишка и да се уверат во тоа. Лошите коментари се актуелни само на социјалните мрежи, и сите се поради таа фотографија. Посветено го изработив ова дело, зарем споменикот на Тоше во Скопје е поразличен? Првин треба да се види во живо, потоа да се критикува – вели Буниќ.
Околу тоа колку изнесува изработката на споменикот, тој вели дека не добил ниту едно евро, бидејќи работел волонтерски.
-Овој споменик е донација од компанијата ,,Техникс”. Јас работев како волонтер, нема место за приказни дека сум добил големи суми на пари за изработката. Ќе повторам, повелете во Нова Градишка и видете го споменикот – порача скулпторот, кој ни ја достави фотографијата од Тоше според која го работел делото, но и фотографија од споменикот од друг агол, за која вели дека ја доловува сличноста.
И градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ, во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека е изненаден од реакциите по повод споменикот. Тој по професија бил архитект, и во 2011 година и самиот бил автор на споменик на Тоше кој е поставен во неговата општина.
-Тоа е таа уметничка слобода на изразување, што друго би можеле да речеме. Уметникот ја искористил својата слобода, и можеби јавноста очекувала споменикот да биде идентичен како Тоше, како да го гледа него, во живо. Имам разбирање за јавноста, но и за скулпторот, и јас самиот сум автор на споменик на Тоше, и на тој споменик од 2011 година, па натаму, често одиме, палиме свеќа, му оддаваме почит – вели градоначалникот.
Појаснува дека во време кога била договорена изработката на споменикот, пред 4-5 месеци, тој не бил градоначалник, па и не бил вклучен во целиот процес. Го видел споменикот за прв пат за време на откривањето, во саботата, заедно со останатата делегација која била присутна.
-Имавме многу гости од Македонија за време на откривањето на споменикот, крушевскиот градоначалник, ракометари, амбасадорот на Македонија… Имавме убав настан, градот доби споменик како донација. Го гледав споменикот, таа брада на Тоше, можеби поради тоа, што некогаш имаше брада од неколку дена, а некогаш не, можеби поради тоа и се создава некаква реакција дали споменикот сличи или не… Сепак, и уметничката слобода има голема важност кога се вакви проекти во прашање. За нас е важно тоа што градот доби споменик донација, со кој се оддава почит на овој голем пејач и хуманитарец – ни изјави Гргиќ.
Вики Клинчарова