Симонов: Да имам 24 часа власт во Македонија, би избегал во непознат правец – како секој диктатор!

„Политичарите се обидуваат да го стават театарот во функција на нивните идеи и пропаганди“

by Fokus

Актерот Јордан Симонов е овогодинашен добитник на наградата за најдобра машка улога на 55. македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Тоа е уште едно од признанијата на Симонов во неговата богата актерска кариера, која трае од крајот на 80-тите години на минатиот век. По тој повод, „Фокус“ на прави интервју со Симонов, кој говореше за својата кариера, но и за приватниот живот.

Нашиот соговорник вели дека некогаш и среќата игра многу важна улога при добивањето на ваквите награди, кои секако се значајни за еден актер.

Кариерата и животот на еден актер не зависат од тоа колку награди ќе добие. Тие се сплет на повеќе фактори и околности, тука понекогаш и среќата е важна. Наградите имаат функција да бидат потврда за одработеното и мотивација за идни проекти“, вели Симонов.

Претставата „Мој термин“ обработува една сериозна тема – отуѓеноста на луѓето со развојот на новата технологија која руши се пред себе децении наназад.

Темата на претставата се пациенти со дијагностицирано опсесивно компулсивно нарушување и нивниот однос кон светот. Проблемот на модерното време и неумерената употреба на технологијата спаѓа во зависности. Двете нарушувања во својата подлога ја имаат депресијата, многу честа во денешно времекога луѓето се отуѓени меѓу себе. Еден од факторите кој помага во ширење на таа отуѓеност е модерната технологија. Со тоа кругот се затвора“, раскажува тој.

Јордан Симонов е актер кој многу работи во својата кариера, но не е премногу медиумски експониран, но секој си го бира начинот на контакт со јавноста.

Секој актер има свој пат, не сметам дека нешто е предност или хендикеп, се додека е изворно и вистинито. Јас сум одбрал да се бавам со истражување на актерско мајсторство, а во поново време и со режија. Таму е фокусот на моето внимание“, додава Симонов.

Во својата долга кариера, овој актер има повеќе театарски претстави, отколку филмски ангажмани. Во кој формат тој повеќе се пронаоѓа?

Секоја нова улога без разлика дали е во театар или на филм, носи свои предизвици. Ако е квалитетно напишана таа е предизвик за играње не е важно дали е радиодрама, претстава, филм или серија“, смета тој.

Не е проблем да застанеш на штиците, важно е што ќе правиш на нив; дали ќе учиш и напредуваш или ќе најдеш една форма и ќе останеш во неа. Сепак, искуството те прави вистински актер.

Актер не те прават четирите години факултет, туку годините играње во театар и собирање искуства од постари колеги и режисери. Амбициозни млади луѓе постојат и денес, можеби се поретки од порано, но ги има“, истакнува Симонов.

Театарските бифиња низ нивната историја биле места на големи дружби, места каде се правеле и самите татарски претстави. Таму е вистинскиот дух на оваа уметност.

Бифето е нераскинлив дел од животот на еден театар и во него се случувале многу креативни проблесоци. Многу ситуации кои не можеле да се решат на проба, во бифето добивале решение. Аспектот на неформално дружење со колегите е важен фактор за хармонијата на еден театарски колектив, а во бифето е и нашето прво соочување со публиката по завршување на претставата“, анализира нашиот актер.

Тој во една изјава вели: Посакувам да има помалку политика во уметноста, а повеќе уметност во политиката. А политиката очигледно е навлезена во сите сфери на општеството, а таа и театарот се во посебна врска.

Театарот и политиката се во нераскинлива врска. Историски тие секогаш биле поврзани, Ако се вели дека театарот е огледало на реалноста, многу владетели не сакале да бидат соочени со него. Уметноста секогаш зависела од мецени, кои во минатото имале почитување кон креативната идеја. Политичарите се денешните нови мецени од кои зависи уметноста и уметниците, но тие се обидуваат да го стават театарот во функција на нивните идеи и пропаганди. Со тоа губи театарот, актерите, а најмногу губи публиката, бидејќи квалитетот е потиснат на сметка на партиската подобност“, додава тој.

На прашањето дали има некакви улоги кои му се лична слабост, тој кратко вели дека е отворен за истражување и експериметариње со се што е во рамки на неговите можности.

А како Симонов го поминува своето слободно време, надвор од театарските и филмските ангажмани?

Сакам да читам и да гледам се што ќе го заинтригира мојот ум, од документарци преку научна фантастика, па се до цртани филмови со моето семејство. Читам нови драми, но им се навраќам и на постарите класици, следам актуелности, готвам и се дружам со пријатели“, раскажува тој.

Секој човек во својата потсвест сонува за некакво совршенство, идеали кои ќе го направат животот подобар. Сепак, убавината на светот за нашиот соговорник е нешто друго.

Со годините човек сфаќа дека совршенството е илузија која многу често може да не направи несреќни ако се фокусираме на неа. Но за еден оптимум доволно е човек да има мирен и нормален живот и да напредува и учи низ него. Никој не е совршен и во тоа е убавината на светот“, смета Симонов.

Дел од неговите колеги се почесто се политички актуелни во јавноста во Македонија, а некои се приклучуваат во политички партии. Дали тој некогаш би влегол во политика?

Преку политика не мислам дека може да помогнам за животот во Македонија, но на други начини, стојам на располагање“, кратко рече Симонов.

И на крајот, го прашавме нашиот соговорник што би направил доколку би имал 24 часа неограничена власт во Македонија. Симонов во свој стил ни одговори:

„Како и секој диктатор, би се спакувал и исчезнал во непознат правец“.

Фото – МНТ

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости