Одбраната на Зоран Заев на денешното рочиште потенцираше дека Ден Дончев е клучниот сведок во аферата „Македонска банка“ кој судот морал да го сослуша, додека за адвокатот на Никола Груевски тој бил само човек кој потекнува од истото село со лидерот на СДСМ и во минатото „имал некаква партиска функција“.
Лидерот на СДСМ вчера во судницата за прв пат обзнани дека токму Ден Дончев му ја дал снимката од разговорот што Заев ја објави и дека истиот човек му дал и трансакции за продажбата на банката и му потврдил дека она што било договарано на аудиоснимката и се реализирало. Претходно судот не го прифати Дончев како сведок, иако според СДСМ на снимката се слушаат гласовите на Дончев, Груевски и на Јовица Стефановиќ – Нини. Како доказ не беше прифатена ниту снимката, ниту нејзиното вештачење, судот прифати да говори само бизнисменот Газда Нини.
– Единствениот статус на тоа лице (н.з. Дончев) е дека е негов сограѓанин (н.з. на Заев) и дека бил некаков партиски функционер – изјави денеска адвокатот на Никола Груевски, Никола Додевски во неговите завршни зборови.
Адвокатот на Заев, Филип Медарски во своите завршни зборови реагираше на она што го кажа правниот застапник на премиерот за Дончев.
– Иако правниот застапник на Груевски оцени дека се работи за лице од истото село како Заев, морам да нагласам дека не се работи само за соселанец на Заев, туку дека Дончев бил генерален секретар на партијата на која сега и тогаш, во времето на кое се однесувааат настаните, претседател бил Никола Груевски. Предложивме докази кои доколку беа прифатени не само што ќе се утврдеше основаноста за сомнеж на Заев туку и вистината – објасни Медарски.
Адвокатот на Заев на денешното рочиште потенцираше дека судот не треба да ја игнорира снимката и фактот дека таа е излезена во јавност и сметаше дека доколку било прифатено вештачењето како доказ ќе исчезнеле многу од сомнежите во врска со целиот случај. Според него, исказот на Нини за одбраната не бил прифатлив, иако таа го предложила за сведок, бидејќи тој морал да биде во корелација со снимката и со вештачењето.
Другиот адвокат од одбраната на Заев, Мирослав Вујиќ уште во понеделникот објаснувајќи зошто Нини не треба да биде сослушан рече дека во ваков случај нормално било дека Нини нема да каже оти дал поткуп и дека ќе сведочи во корист на Груевски.
Судијката Весна Калковска денеска одлучи дека Заев го наклеветил премиерот кога на пресконференции и на митинзи за време на изборите велел дека Никола Груевски е таткото на криминалот во Македонија, дека зел во кеш 1,5 милиони евра од Газда Нини за „Македонска банка“ и дека поради тоа затаил данок од 225.000 евра.
Заев за ова треба да му плати 50.000 евра на Груевски. Премиерот првично бараше половина милион евра од лидерот на СДСМ, за вчера да се предомисли и да побара десет пати помала казна која судот на крајот му ја прифати.
Заев вчера самиот потврди дека Ден Дончев потекнува од неговото струмичко село Муртино, меѓутоа објасни дека речиси и да не контактирале пред овој да му ја даде снимката, десетина дена пред изборите. Претходниот контакт, како што објасни лидерот на СДСМ, им бил во периодот од 1998 до 2002 кога Дончев имал функција доделена од владата на Љубчо Георгиевски.
(насловната фотографија е од архивата на неделникот „Фокус“)