Заев треба да му плати 50.000 евра на Груевски

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е виновен за клевета на премиерот Никола Груевски, гласи пресудата на скопскиот граѓански суд. Тој треба да му плати на Груевски 50.000 евра оштета за претрпена душевна болка.

Судијката Весна Калковска туку што ја соопшти оваа пресуда.

Судијката Калковска пресуди дека следниве наводи на Заев содржеле навреди и клевети: „таткото на криминалот во Македонија Никола Груевски зел 1.5 милиони евра во кеш од странски бизнисмен”, „Груевски ја оштетил државата за 225 илјади евра неплатен данок“, „Премиерот лично ја продал Македонска банка на контроверзниот бизнисмен газда Нини, преку четири оф-шор и две домашни компании кои биле под контрола на Груевски“.

Сето ова, според пресудата, било направено со намера да му се наштети на честа и угледот на Груевски.

Ниту Груевски, ниту пак Заев не беа присутни на денешното соопштување на пресудата. Тие вчера се соочија во судницата, каде што премиерот рече дека имал тешки душевни болки поради наводите на Заев околу продажбата на „Македонска банка“.

Заев пред пет месеци обвини дека премиерот Груевски лично ја продал „Македонска банка“, на српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ – Нини. Наводно, според тврдењата на СДСМ, при продажбата, премиерот добил 1,5 милиони евра во кеш.

За ваквото обвинување премиерот поднесе тужба против Заев, со која му бара 500.000 евра обештетување, а вчера ја смени сумата и побара 50.000 евра од лидерот на СДСМ.

Сведокот Нини, кој беше предложен од лидерот на СДСМ Зоран Заев,  сведочеше во корист на премиерот Никола Груевски. Судот како доказ ја отфрли и снимката на која наводно се договара продажбата на „Македонска банка“, бидејќи, како што претходно оцени и Јавното обвинителство, таа била направена без налог од државен истражен орган.

Поврзани новости