Од Канада, иницијаторот на протестот Bobby Temelkov порача дека продолжуваат со притисокот!

by fokus

По завршувањето на вчерашниот протест на кој се бараше ослободување на осудените за нападот на Собранието од 27-ми април 2017 година, на социјалните мрежи се огласи Bobby Temelkov, претседателот на Македонски Светски Конгрес – Канада. Велешанецот кој живее во Канада беше иницијатор, но и еден од организаторите на протестот. Во своето обраќање, тој порача дека продолжуваат со притисокот, се до конечно ослободување на барањата за слобода на осудените.

-Како иницијатор и еден од организаторите на овој протест чувствувам обврска јавно да се заблагодарам за поддршката која доведе до овој масовен протест. Сакам јавно да се заблагодарам до сите партии и нивни лидери, сите организации, активисти, но најмногу на Македонскиот народ кој даде целосна поддршка и излезе масовно на улица за Слобода на Браќата Уставобранители и Македонија. Благодарност до сите мои соработници од ,,Македонците во Светот” и одличната логистика во Македонија благодарност до учесниците во завршната церемонија! Без сите вас овој протест немаше да биде тоа што беше.
Нашата борбата за слобода на Уставобранителите и Македонија не запира со овој протест, енергијата која денес се чувствуваше во Македонија ни дава голема сила да продолжиме во борбата, продолжуваме со притисокот во многу блиска иднина се до конечно прифаќање на нашите барања за слобода на браќата уставобранители и предвремени парламентарни избори во Македонија- порача Темелков.

Најавата за протестот тој ја објави на почетокот на април и повика на масовно учество, без партиски знамиња. Набргу потоа ги објави и паролите, околу 60 на број, кои биле предвидени да се користат на протестот. Правдата ќе донесе мир, Крсто Мукоски каде е, Ние сме гласот на патриотите, беа само дел од паролите кои тој повика учесниците на протестот да ги отпечатат и да ги истакнат на настанот.

Во минатото, во два наврати Темелков беше иницијатор за собирање на финансиска помош за семејствата на осудените за нападот.

Кон крајот на 2020 година, беше актуелна акција со цел да се соберат 18.000 евра, и секое семејство да добие по 1.000 евра по повод новогодишните празници. Во 2019 година пак, по негова иницијатива се собрале околу 10.000 евра,кои им биле поделени на фамилиите на осудените.

За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста беа обвинети 33 лица. На почетокот на 2019 година амнестија добија Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски од „За заедничка Македонија“, Иван Цветановски, Елена Доцевска-Божиновска, браќата Михаил и Стефан Младеновски, Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски. Амнестија за нападот на 27 април не побараа Митко Чавков, Душко Лазаров и Игор Дурловски, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ кој доби ослободителна пресуда, Јане Ченто и Игор Југ, а одбиени им беа барањата на Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски-Ќосето, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.

Фото: Фејсбук профил Bobby Temelkov

Вики Клинчарова

Поврзани новости