Од јануари 2019 година во Македонија загинале 20 велосипедисти: Возачите не гледаат како пречка!

by Fokus

Велосипедистите од Македонија во многу ситуации се жртви во сообраќајот и незгодите во кои тие се учесници честопати имаат фатален крај.

Нашата земја беше сведок кога во септември и ноември оваа година имаше две тешки несреќи во која животот го загубија двајца велосипедисти.

Фокус“ направи статистичка пресметка во однос на тешко повредени и загинати велосипедисти на патиштата низ Македонија, а бројките се загрижувачки. Од јануари 2019 до ноември 2022 година дури 998 велосипедисти биле учесници во сообраќајни незгоди.

Од бројките на МВР, за истиот тој период загинати се 20 велосипедисти, 237 велосипедисти биле тешко повредени, а полесно поминале 696 возачи на велосипед.

„Во периодот од 01.01.2021 година до 31.10.2022 година поради непочитување на сообраќајните правила и прописи односно постапување спротивно одредбите од Законот на безбедност на сообраќајот на патишта, санкционирани се вкупно 517 возачи на велосипеди“, велат од МВР за „Фокус“.

Велосипедистите признаваат дека некогаш не се свесни за опасностите особено кога се движат по автопат, каде е најстрого забрането, а полицијата не секогаш им простува.

Велосипедистот Боро Банишки вели дека овој спорт е мошне ризичен, но апелираше и кон велосипедистите да бидат особено внимателни, затоа што и тие носат дел од вината.

„Велосипедизмот е спорт кој се практикува на отворено и во зависност од програмата по која се тренира, има потреба од широки и мазни патишта со што помалку сообраќај. За жал, такви патишта има се помалку. За побрзо стигнување до тие патишта, честопати групите од велосипедисти излегуваат на автопат каде субјективно се чувствуваме безбедни, бидејќи цела една лента е на располагање“, раскажува тој.

Досега, како што додава, несреќите се случувале предизвикани од самите велосипедисти кои поради недостаток на искуство прават грешни потези.

Движењето на велосипедисти по автопат е строго забрането, но и покрај тоа, велосипедистите со друмски велосипеди возат на овој простор. Полицијата некогаш им прогледува низ прсти, но некогаш казнува.

„Најчесто сме поминувале неказнети или само опоменати и исклучени од автопатот. Републичката полиција никогаш не простува и се добива парична казна од 20 евра. Не можам да кажам дека сме свесни за опасностите што не демнат, се до случувањето на овие два немили настани. На сите ни беше шок. На местата каде загинаа двајцата велосипедисти јас сум поминувал безброј пати, ама никогаш повеќе нема да излезам на автопат. Ова мислам дека секој од нас поискусните го сфати на за жал, потешкиот начин“, додава тој.

И покрај се, за Банишки радува фактот што се почесто луѓето користат велосипед за превозно средство што подразбира и здрава животна средина.

„Тројно се зголеми подемот на велосипедската култура кај нас. Преку ноќ, луѓе што двапати се качиле на велосипед, без основни познавања, стануваат да возат во групи од по 10 луѓе каде брзините надминуваат и 40 километри на час“, смета нашиот соговорник.

За крај тој упати критика кон возачите на автомобилите и според него, тие кон велосипедистите гледаат само пречка во сообраќајот.

„Тие секогаш не гледаат како пречка во сообраќајот. Поминуваат блиску до нас и не се запазува правилото на заобиколување од еден метар и речиси никогаш не даваат предност“, го заврши разговорот овој велосипедист.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости