Популарниот музичар Александар Сања Илиќ, познат во јавноста и како Сања Балканика, пред три дена ја изгуби битката со корона вирусот. Авторот на низа на хитови, помеѓу кои и култната “Принцеза” на Дадо Топиќ и Слаѓана Милошевиќ, почина во својата 70-та година на клиника во Србија.
Освен по успешната кариера, тој беше познат во јавноста и како сопруг на актерката и поранешен модел, Злата Петковиќ, која почина на 58-годишна возраст во 2012 година, од мозочен удар.
Злата остана запаметена за постарите генерации по улогата на Марија од серијата ,,Враќање на отпишаните” а зад себе остави низа на улоги во филмови и ТВ серии.
Сепак, она на кое можеби малкумина се сеќаваат е дека таа ја започна својата кариера во 1971 година од популарниот хотел Парк во Неготино. Имено, хотелот беше атракција во цела поранешна Југославија поради авионот-ресторан кој во тоа време беше еден од трите авион – ресторани во светот.
Поради својата уникатност, тој беше место каде се одржуваа разни настани, и во 1971 година таму се одржал изборот за Мис на Југославија, на кој победата ја однела тогаш 17-годишната Злата. Тоа беше почетокот на нејзината кариера, во која Петковиќ успеа да освои голем број на титули на интернационални избори за убавина, како и го доби прекарот Југословенска Мерилин Монро. Истата година ја доби и својата прва филмска улога во филмот ,,Бубашинтер”, а во 1974 година ја освои Југославија со улогата на Марија во ,,Отпишаните”, лик кој и го одбележа целиот живот поради големата популарност.
Само пред еден месец, нејзиниот сопруг Сања Илиќ во интервју за српските медиуми, насловено ,,На мојата Злата и беше поважно семејството од кариерата” се присети на нивната голема љубов, на заедничкиот живот и синот Андреј кој му дал сила да продолжи понатаму.
Неколку недели по интервјуто, тој бил хоспитализиран поради влошена здравствена состојба и бил приклучен на респиратор, но не успеа да ја извојува битката со вирусот.
Вики Клинчарова