Од главата и од „лидерите“ си патиме

by Фокус

Нема никакво значење ако на следните избори дојде до промена на персоналните и партиските носители на власта. Ако политичката изолација во однос на ЕУ, од една, и дивеењето на криминалот и корупцијата, од друга страна, останат повторно наше политичко и општествено секојдневие, тогаш воопшто не ќе има смисла да се живее и работи во „оваа држава“.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Не е некоја политичка новост или мудрост што одамна не се знае дека големите сили своите политики кон балканските држави (а во тие рамки и кон Македонија) ги профилираат и ги градат исклучиво врз основа на своите, а не врз основа на нашите интереси.

Тоа е политичка константа од Берлинскиот конгрес, па до денес. Човек треба да биде со оштетен или со ограничен ум за безрезервно да им верува на европските (бирократизирани) челници.

За жал, покрај тоа, треба да е стопроцентен идиот за, исто така, безрезервно да им верува на домашните партиски и политички „лидери“.

Република (Северна) Македонија, како и речиси цела Европа, е во сериозна криза на лидерство и „лидери“.

Тоа што некој е на чело на определена политичка партија или државна институција, само по себе, не го прави лидер.

Лидер се станува со големината и содржината на политичките идеи и политики што се креираат и водат, а не по сила на функцијата што се извршува.

НЕИСКРЕНОСТ И ПОЛИТИЧКИ КАЛКУЛАЦИИ

Повеќе од сигурен сум дека, не само во Македонија, туку и во Франција, по една година ретко кој ќе се сеќава на Емануел Макрон, како што не се сеќаваат ниту на Никола Саркози.

За жал, последиците од неговите (во најмала рака егзибиционистички) политики уште долго време ќе бидат присутни во државите од Западен Балкан, а во контекст на определени воено-политички услови, и во цела Европа.

Затоа политички беспредметни и бескорисни се меѓусебните обвинувања меѓу Димитар Ковачевски (СДСМ) и Христијан Мицкоски (ДПМНЕ)  за тоа кој е виновен за стагнацијата на евроинтеграциските процеси на Република Северна Македонија.

Се прави многу врева за ништо! Уште пред да се оди во Брисел се знаеше дека „нашата држава“ нема да напредува во евроинтеграциските процеси поради застојот, односно поради отсуството на политичка волја, да се направи исчекор по двете основни прашања со кои ЕУ ја условува државата Република Северна Македонија за да продолжат преговорите.

Повеќе од јасно е дека без вклучувањето на граѓаните на РС Македонија, кои имаат бугарска самосвест (или, пак, се платени за да ја имаат), во Уставот на државата, од една, и отворањето на процесот на искрена и реална борба против криминалот и корупцијата во државата, од друга страна, ќе нема напредок на патот кон ЕУ.

МИЗЕРНИ ПОЛИТИКИ

Извесно е дека овие два почетни услова се многупати повторени од челниците на ЕУ, како и од амбасадорите на одделни европски држави во РС Македонија. Бидејќи сила Бога не моли, изборот пред кој е ставена државата е многу мал. Со ЕУ тешко, без неа уште потешко!

Неспорно е дека дел од политиките на Европската Унија кон Македонија се крајно непринципиелни и понижувачки.

Но, уште понеспорно е дека и субјектите што ја креираат политичката сцена во државата, а кои се вртат околу СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ имаат мизерни политики, како по однос на овие две прашања, така и воопшто во однос на креирањето на генералните политики во државата.

Нема никакво значење и никаква политичка цел ако на следните избори дојде до промена на персоналните и партиските носители на власта, ако, во исто време, не се почне со процес на менување на суштината на политиките што се водат.

Ако политичката изолација во однос на ЕУ, од една, и дивеењето на криминалот и корупцијата, од друга страна, останат повторно наше политичко и општествено секојдневие, тогаш воопшто не ќе има смисла да се живее и работи во „оваа држава“.

Република Северна Македонија опасно се приближува до состојба во која да е уште малку полошо, би било совршено!

Поврзани новости