Од денеска настава за сите, заврши штрајкот

by fokus

Во основните и средните училишта денеска на настава се сите вработени откако вчера заврши предупредувачкиот штрајк на наставници членови на СОНК и тие што солидаризираа со нив.

Штрајкувачите вчера беа на работа без работни обврски, а оние што не пристапија имаа часови. Во училиштата кои не истакнаа известувања дали ќе организираат настава, учениците и нивните родители самите ја решаваа дилема дали да го слушаат повикот од МОН да се дојде на училиште или на СОНК да не се доаѓа. Некои родители на помали деца  избраа наставата да ја почнат денеска за да бидат сигурни дека тие ќе бидат згрижени. Првачињата, главно, секаде беа прифаќани, а во повеќе училишта беа организирани и приредби за почетокот на нивното основно образование.

Предупредувачкиот ден помина со исти позиции на МОН и СОНК околу платите на наставниците – министерот Арбер Адеми со аргументот дека за 10,8 отсто им се зголемени платите од август 2018 до септември 2019, а лидерот на СОНК Јаким Неделков со укажување дека државата им должи уште онолку проценти за колку што е зголемена минималната плата во државата, или до 25 отсто. МИА

Поврзани новости