„Макстил’ од денеска го прекинува производството во погонот Челичарница се до ставањето во целосна функција на новата филтерска постројка, информираат од компанијата.
„Во престојниот период ноември 2014 – јануари 2015 следува завршната фаза од реализацијата на проектот нова филтерска постројка. Таа опфаќа монтажа и поврзување на новата постројка со постоечките инсталации. Од средината на декември 2014 до средината на јануари 2015 следуваат ладни и топли проби, по што погонот Челичарница повторно ќе биде активиран, а ќе работи по најстрогите европски норми за емисии на издувни гасови во амбиенталниот воздух. Производството во погонот Валавница, односно испораката на лимови и задоволувањето на нашите обврски спрема купувачите, ќе продолжи непречено со полуфабрикат (челични слабови) набавени од увоз“, се вели во денешното соопштение на „Макстил“.
Од компанијата пратија фотографии на кои се гледа дека Челичарницата не работи.