Од денеска аплицирање за финансиската поддршка за плати од петтиот пакет мерки, издвоени 31 милион евра

by Fokus

Фирмите и самостојните вршители на дејност од денеска ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март. Денеска ќе бидат објавени правилниците, согласно кои работодавачите и самостојните вршители на дејност ќе можат да достават барање до Управата за јавни приходи. За мерката се издвоени 31 милиони евра, а барањата ќе може да ги достават до 30 април.

Ова го соопштија на заедничка прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, на која и најавија дека денеска на Влада ќе се разгледува и Шестиот сет на мерки, за што набрзо ќе информираат на посебна прес-конференција.

Како што истакна министерот, за оваа мерка се издвоени 1,9 милијарди денари од буџетот, односно 31 милиони евра, што ќе опфати околу 60.000 работници. За секој работник, појасни, ќе биде исплатена поддршка во распон од 14.500 денари до 21.776 денари по месец. Висината на поддршката ќе биде утврдена согласно процентот на намалување на приходите на фирмите во последните три месеци пред месецот за кој се поднесува барање, во однос на истиот период претходната година .

За намален приход од 30 до 40 отсто износот на финансиската поддршка е до 14.500 денари, од 40,01 до 50 отсто финансиска поддршка до 15.955 денари, од 50,01 до 60 отсто финансиска поддршка до 17.410 денари, од 60,01 отсто до 70 отсто финансиска поддршка до 18.865 денари, од 70,01 до 80 отсто финансиска поддршка до 20.320 денари и над 80 отсто намален приход износот на финансиска поддршка е до 21.776 денари.

Бесими исткана дека дополнителни поволности за оваа мерка во однос на претходните пакети е што за сите корисници на финансиската поддршка за исплата на плати предвидено е 50 отсто од исплатената помош да се трансформира во грант, без никакви услови.

-За оние пак кои во текот на годината ќе инвестираат во основна опрема, целата исплатена помош ќе биде трансформирана во грант-средства. Од оваа новина која претходно беше најавена се гледа и развојната компонента, која беше истакната при презентирање на петтиот пакет мерки. Како целиот свет, така и ние, на 2021 година гледаме како на година на ревитализација. Зазадрвувањето е потребно да се стимулира преку мерки насочени кон поттикнување на нови инвестиции и развој на фирмите, рече министерот.

Поврзани новости