Од задутре, четврток до 28 февруари ќе има зголемени рестриктивни мерки во Атика. Ова значи дека се затвора секаков вид малопродажба, а сите нивоа на образование ќе работат на далечина, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во видео пораката што вечерва ја упати до граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.
Мерките за областа Атика, поширокиот регион на Атина, се воведуваат по препораката на Комисијата на епидемиолози, која денеска одржа вонреден состанок, а Мицотакис рече дека одбрал тој да ги соопшти и објасни одлуките.
Истакна дека врз основа на новите податоци, лично тој „ја презема одговорност за дополнителните мерки за заштита на јавното здравје“.
-Денес, опасноста повторно се појавува. Не во форма на илјадници болни и смртни случаи, како во другите европски земји. Но, постојат два податоци кои особено нè загрижуваат. Од една страна, зголемувањето на бројот на хоспитализираните лица во Атика, каде што постепено се полнат здравствените структури. А, од друга страна, мутациите на вирусот кои се чини дека ја забрзуваат неговата преносливост, посочи Мицотакис истакнувајќи дека целта е секогаш да бидат еден чекор пред вирусот, тактика што, како што рече, донесе резултат при последните рестрикции во јануари.
Додаде дека намерата е да се спречи дополнителното ширење и да му се даде време на здравствениот систем, а во исто време да продолжи вакцинацијата.
Во седум минутната видео порака, Мицотакис ги повика граѓаните да останат обединети и зрело да одговорат „на она што самиот живот го бара од нас: да се заштитиме себеси и своите најблиски“, истакна дека од април ситуацијата ќе биде многу подобри, но, сега мора да се спречи опасноста.