Заев: Свесни сме дека во време на корона криза е потребно да излеземе во пресрет на средношколците

by fokus

Како одговорна Влада инвестираме во младите луѓе и водиме грижа за квалитетно образование и понатамошен напредок. Свесни сме дека во време на корона кризата е потребно да излеземе во пресрет и низ дијалог да изнајдеме компромисни решенија, рече премиерот Зоран Заев при средбата со претставниците на Сојузот на средношколци во Владата.

На средбата, информираат од владината прес-служба, средношколците, како претставници на Сојузот му ги образложија на премиерот Заев своите барања, повикувајќи се на образовните модели во Франција, Белгија и Обединетото Кралство, каде е намален бројот на предмети, кои матурантите ќе ги полагаат годинава.

Сослушувајќи ги претставниците на Сојузот на средношколци, кои истакнаа дека остануваат на своите барања за намалување на предметите за државната матура на два екстерни предмети, премиерот Заев изрази поддршка на младите средношколци и истакна дека Владата е отворена низ дијалог да разговара за изнаоѓање заедничко компромисно решение, кое е во полза на матурантите, со цел нивно квалитетно образование и во средното и понатаму во високото образование.

Премиерот Заев, денеска прими претставници на Сојузот на средношколци, на нивна иницијатива и разговараа за нивните барања за модифицирање на државната матура односно намалување на предметите од четири на два и скратени наставни програми.

Претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата изјави дека премиерот Зоран Заев има волја што побрзо да се најде некое решение за проблемот со државната матура за да не изгубат време матурантите кои планираат да се запишат на странските универзитети, како и дека дискутирале кои се можните компромисни решенија доколку измените на Законот не се гласаат во Собрание.

-Му кажавме дека сме подготвени да направиме комбинација дали да имаме укинување на еден интерен испит или на еден екстерен испит за да се намали бројот на екстерните и на интерните предмети. Зборувавме и за скратените програми за испитите за државната матура, бидејќи сега само четири предмети имаат скратени програми за полагање на државната матура, а тоа се македонски јазик, хемија, физика и географија. Ние сакаме цел материјал што се изучуваше во време на пандемија, од март 2020 година до крај на оваа учебна година, да има скратени програми за да има фер државна матура, изјави Ходаи по средбата во Владата.

 

Поврзани новости