Откако Владата вчера го утврди предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии, денеска со став излегоа и од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија.
Според предложените измени, деловните простории на местата во кои се приредуваат игрите на среќа треба да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основните и средните училишта.
Сепак, од АСОМ сметаат дека ваквиот предлог нема воопшто да донесе подобрување и ќе има само негативен ефект кај луѓето.
„Ниедна европска земја нема ваков закон затоа што тој едноставно не функционира. Ваквите рестриктивни закони докажано носат спротивен ефект – ниту ќе се намали играњето на игрите на среќа ниту ризиците кои ги носат, туку ќе се отвори ново поле на нелегален профит и ризик за играчите“, рече денеска Васко Илиевски од АСОМ.
Како што додаде тој,доколку од Владата итно не ги прими на состанок и на кој било начин се обидуваат да го протуркаат законот, тој нагласи дека ќе преземат радикални чекори.