Од 200 до 300 тестови за корона вирус се прават на дневно ниво

by Fokus

Од 200 до 300 тестови се прават на дневно ниво за да се утврди дали одредени граѓани кои на некој начин имале контакт со веќе заразени или се вратиле од ризичните подрачја се носители на заразниот корона вирус, тврди за „Фокус“, министерот за здравство Венко Филипче.

Тестовите за корона вирус се прават во лабораторијата на Институот за јавно здравје, во приватните болници и лаборатории.

Бројот на заразени од ден в ден се менува, но најчесто бројката на дневна основа во последниот период се движи од 18 до 30 новозаболени од Ковид 19. Со најголема бројка од 29 заразени, министерството за здравство излезе на 22 март и оттогаш, според официјалните статистички податоци, деновиве бројките се помали. Меѓутоа, вкупно заразени досега во земјава има 241 лице, од кои четворица починаа.

Откако пред десетина дена излезе информацијата дека висок јавен функционер од Кавадарци и неговата сопруга, началник на Одделение во тамошната болница се носители на опасниот корона вирус настана паника меѓу вработените во болницата, со кои лекарката имала контакт. Па така, во само еден ден беа тестирани 67 лица, чии резултати се негативни.

Пред само една недела, одекна во Куманово дека починала жена, која откако по третпат била тестирана, било утврдено дека е позитивна на корона вирусот. Веднаш после тоа, позитивни тестови добија и двајца лекари и две медицински сестри во болницата, кои имале контакт со заразената пациентка и нејзиниот син. Па така, и во Куманово беа тестирани повеќе лица, од кои според последните статистички податоци, позитивни на опасниот вирус се 20 луѓе.

Владата претходната недела донесе одлука да се забрани звлез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железничкиот патнички јавен превоз.

Повеќе од 15 вработени на скопската Клиника за кардиологија чекаат резултати од тестирањата кои им се направени, откако од вчера рендген техничар е нов потврден случај на корона вирусот.

Првиот човек во здравството уште на прес-конференцијата на 18 март нагласи дека на некој начин во земјава се прават масовни тестирања.

„ Целта на масовните скрининзи е да ги уловиме групите луѓе кои можеби и не се свесни дека го имаат вирусот. Тоа не може да се почне нагло, мора да биде со план кој епидемиолозите веќе го работат. Оваа недела може да се почне со Струга и околината поради интензивната комуникација со Дебар. Од понеделник веројатно ќе може да се почне во Скопје. Ќе се тестираат лица од делови во кои се движеле пациентите кај кои е веќе потврден вирусот. Се прави план каде тие се движеле географски распоредени во државата. Тестираните мора да имаат некаква индикација, епидемиолошка врска, со било која група од досега индицираните“, рече министерот Филипче и нагласи дека е од исклучителна важност рано да ги откријат новите случаи за да не се случи одеднаш да се преполнат одделенијата за интензивна нега, како што тоа се случило во Италија.

Досега се направени 1.800 тестирања, а тестовите како што нагласи Филипче се германски. Тој за „Фокус“ додаде дека имаат 1.500 тестови, очекуваат по 1.000 секоја недела и 20.000 тестови од донации. Тестовите се набавуваат од двете фирми „Биомедика“ и „Биосистеми“.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

Поврзани новости