Ана Костовска: Државен карантин, еве како изгледа тоа!

by Fokus

Актерката и пејачка Ана Костовска веќе трет ден е во државен карантин. По враќањето од Белград, соседна Србија, според мерките на Владата, таа е сместена во хотел во Скопје.

За јавноста појаснува како изгледа тоа да се биде во карантин, мерка која што веќе е задолжителна за граѓаните кои доаѓаат од странство, а за која што изминатиот период доста се коментираше.

Споделувајќи го своето искуство, уметницата појаснува дека застрашувачките приказни кои ги слушнала за карантинот, паѓаат во вода, а од она што таа досега го видела, тврди дека на одговорните во државата може да им верува.

-Конечно добив машина и можам на раат да напишам што имам на ум, а можеби некому ќе биде од полза, да донесе одлука или да процени во врска со прашања кои сите не засегаат. Трети ден се наоѓам во хотел Ибис, во центарот на Скопје, во т.н. државен карантин. Ќе бидам тука уште 11 дена, сама, во удобна и опремена соба, тв, интернет, сет на средства за чистење, маски, гел, три оброци дневно, секојдневно мерење на температура, дозвола да ми се донесат работи кои ми недостасуваат (со забрана за алкохол, брза храна итн…) Така јас денес добив лаптоп,слатки, овошје, сокчиња, дури и една Кока кола (имам син како добар џин, а и брат, тешко кој го нема. Боже чувај ги, и сите вас што ве знам и што не ве знам… Заборавам на се лошо во земјичево и ми навираат само убавите работи, луѓе, места, води и планини… Нејсе, патувањето од Белград до Табановце беше стресно, ризично, неизвесно… Имав гаранција од релевантен фактор, дека на граница ќе потпишам самоизолација и ќе ме пуштат дома, но информацијата беше погрешна, односно со оглед на тоа дека работите се менуваат од саат во саат, очигледно беше сменета… Всушност,од пред, еве, три дена, нема можност за САМОИЗОЛАЦИЈА, туку се оди во ДРЖАВЕН КАРАНТИН… Приказните околу тој фамозен државен карантин кои ги слушав во Србија, а следев и што се случува во Македонија, беа застрашувачки-стационар, кампови, логори, од страшно- пострашно… Неколкуте саати кои ги поминав на граница во мала просторија (со мене беше Влатко, од Велес, со слична авантура како и мојата) беа мачни. Не ни кажуваа каде ќе не водат, но имаа милост да не не заклучат- Кај ќе бегаме бе дечко… Биди реален… Кога не истоварија пред хотел во центар на Скопје, планина ми се симна од плеќите… Кога ја видов екипата која не пречека на влезот, опремена, љубезни гласови зад маските, гледаш во очите дека се озбилни, но сочувствителни… Инструкции и права и обврски… Срдечен поздрав и до гледање. Секој ден ни се мери температура. Муабетот ми е дека прв пат откако сето ова почна почувствував дека некоја умна глава и топло срце просудува и носи добри одлуки. Бев спремна да поднесам многу полоши услови само да дојдам што поблиску до моите најблиски, ќе издржев и камп и не знам што. Но, ова е за мене потврда дека можам да верувам на планот на одговорните во градов и државата – напиша Костовска на социјалните мрежи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости