Помина еден месец откако очната лекарка од Градската болница „8 септември“ доби забрана за операција по фако метода или народски кажано ласерска операција на перде, која трае 15 минути. Според извештајот на Комисијата за стручен надзор, таа требаше да избере каде ќе оди на обука за доусовршување на оваа метода, при што се одлучила за Бугарија. Во меѓувреме, очната лекарка поднесе тужба против болницата поради забраната за операции.
– Јас не и дозволувам да прави ласерски операции на перде се додека не ја доусоврши методата. Дури и во аптека дадов наредба да не смеат да и даваат леќи за овој вид на операции. Сега таа чека одговор од министерството за здравство, за да видиме од кога ќе почне со обуката во Бугарија. Ние во меѓувреме дадовме одговор на тужбата, па ќе видиме како понатму ќе се одвиваат работите – истакна доктор Сашо Стојчев, директор на болницата.
Пред една година „Фокус“ го откри скандалот перде во која очната лекарка им го имаше оштетено видот на околу 50 пациенти, Многумина од нив јавно ја споделија здравствената голгота која ја поминале, а некои дури поднесоа и тужби против лекарката. Скоро една година им беше потребна на министерството за здравство и Комисијата за стручен надзор да реагираат и да и забранат на очната лекарка да оперира.