Очната лекарка ја тужи Градска болница, бидејќи доби забрана да оперира

by Fokus

Очната лекарка ја тужи Градската болница „8 септември“ и нејзиниот раководител доктор Сашо Стојчев, затоа што од 25 август доби забрана да оперира по новата фако метода или народски кажано ласерска операција на перде, која трае само 15 минути.

Првиот човек на болницата таква одлука донесе врз основа на заклучокот на Комисијата за стручен надзор, која скоро цела година работеше на случајот, дека  очната лекарка нема право да оперира се додека не отиде на обука и не ја заврши доедукацијата. Тужбата до болницата стигнала денеска.

– Очната лекарка поднесе тужба против болницата, која ја раководам јас, затоа што и е ускратено правото да оперира по фако методата, за што како што пишува во извештајот на комисијата за стручен надзор, таа мора да отиде на доедукација, за да и биде дозволено да оперира. Таа има право да оперира по старата класична метода, за која претходно треба га извести пациентите  и тие да одлучат дали сакаат да се оперираат по таа метода или не. Очната лекарка напишала дека ќе оди на обука во Бугарија, за да нема санкции. Ние до среда ќе доставиме одговор на тужбата, па ќе видиме како понатаму ќе се одвиваат работите – тврди доктор Стојчев.

Тој додава дека нема намера да и дозволи да оперира, иако таа поднела тужба против нив. На тој начин не може да ги заплаши.

– Јас немам намера да попуштам. Тоа што го пишува во извештајот на комисијата го докажуваат и многубројните поплаки на пациентите – истакна доктор Стојчев.

Овие најнови случувања се откако пред скоро еден месец, од 25 август, очната лекарка доби забрана да оперира по фако методата бидејќи според медицинските документи, таа на повеќе од 50 пациенти им го оштетила видот. Многумина од нив, за својата трагична судбина јавно проговорија, а неколкумина веќе ја тужат.

 

Поврзани новости