Очна лекарка ги ослепува пациентите?!

by Фокус

Текстот е објавен на 6-ти септември 2013-та во неделникот „Фокус“ во бројот 935

Пишувала
Ирена МУЛАЧКА

Докторите се луѓе, поради што и во нивната работа се случуваат човечки грешки, според народната поговорка „Кој работи, тој греши“. Но, во Македонија, за разлика од другите држави, проблемот се јавува кога таа грешка се прикрива од страна на надлежните институции и никој не презема одговорност за изгубениот живот, за настанатата компликација при лекувањето, за оштетениот вид…

Од друга страна, европските земји тераат друга политика. Тие брзо и експресно го решаваат проблемот, лекарите ја признаваат грешката на семејството, кое понатаму одлучува што ќе преземе, а институциите го решаваат случајот по брза постапка, без разлика дали треба да се плати само отштета или проблемот ќе се решава по судски пат.

Таков е случајот со 40-годишниот Англичанец Џејми Парсонс, кој поради лошо изведена операција, го изгубил видот на едното око и станал полуинвалид. Неговиот случај се влечел по судските лавиринти само неколку месеци, при што била донесена пресуда во негова корист.

Вакви случаи на лекарски грешки, како во сите земји, има и во нашата Македонија. За некои јавно ќе проговорат самите пациенти, додека за некои ќе се истакне првиот човек во здравството Никола Тодоров. Но, како и по обичај, државата за некои е мајка, за некои маќеа. Додека некои случаи се јавна тема во земјава, некои се кријат како змија нозете.

Од таа причина, „Фокус“ одлучи јавно да ги сподели нашите сознанија со читателите. Темата што ќе ја отвориме во овој број може ќе им предизвика болка и шок на повеќе семејства, кои поради лошо изведен оперативен зафат останале со оштетен вид или комплетно го изгубиле видот во Градската болница „8 Септември“. Овде не станува збор за еден, двајца или тројца пациенти, туку за педесетина во последните неколку месеци кои биле оперирани со најновата фако-метода на катаракта, или народски кажано ласерска операција на перде, која трае само 15 минути.

Остануваат нејасни прашањата дали некои од лекарите ја заборавиле Хипократовата заклетва на која се обврзале пред да почнат да работат, а тоа е дека најважна грижа ќе им биде здравјето на пациентите? Зошто надлежните институции и министерот за здравство, кои се запознаени со овој случај и со поплаките на пациентите, веќе неколку месеци кријат и не реагираат? И што во ваков случај да прават пациентите, кои нема каде да се обратат?

ТОДОРОВ НЕ ГИ РЕГИСТРИРА ПОПЛАКИТЕ НА ПАЦИЕНТИТЕ

Заплетот на приказната почнува во очното одделение на Градската болница „8 Септември“. Оваа приказна не е фикција, иако би сакале да биде, туку реалност која веќе две години ја дрма болницата и во чии оперативни сали се запечатени повеќе човечки судбини.

Наша работа не е да бидеме суд, да обвинуваме и да донесуваме судски пресуди, само наша граѓанска должност е на овие неколку страни да ја раскажеме приказната. Веќе една година во старата Воена болница атмосферата врие, а проблемите на површина испливаа во последните неколку месеци.

Болницата ја тресе скандал, или како што ја нарекуваат офталмолозите, „една од најголемите афери со оперативни зафати на перде на очи“, во кој главната улога ја има очна лекарка, која досега има изведено повеќе ласерски операции на катаракта, со што предизвикала компликации во видот кај пациентите, од кои некои се здобиле со оштетен вид или со целосно губење на видот на окото на кое е правена операцијата.

„Фокус“ располага со документи, писма, имиња и презимиња на пациенти, кои по најобична ласерска операција на перде, која трае само 15 минути останале без вид и никогаш не добиле објаснување од лекарката што ги оперирала, што всушност се случило. Тие веднаш биле препратени на скопската Очна клиника каде што им била извршена друга операција, меѓутоа видот веќе бил загубен. Нашата редакција одлучи да го скрие идентитетот на лекарката, која е блиска роднина на директор на скопска клиника.

Според наши информации, случувањата во болницата и поплаките на пациентите му се познати на министерот за здравство Никола Тодоров. На неговата маса сѐ уште седат двете писма кои му биле испратени пред неколку месеци. Едно писмо е испратено од група офталмолози, додека другото писмо е адресирано од  директорот на ГОБ „8 Септември“, доктор Сашо Стојчев.

Во писмата се бара од првиот човек во здравството да го спречи нестручното и несовесно работење на лекарката, која предизвикала компликации во видот на повеќе пациенти.

Сфатете, секој ден по барем еден човек го губи видот кај нас. Што е многу, многу е. Голем број од тие операции се снимени бидејќи јас сум еден од ретките што воведе снимање на операциите. Сето ова што го зборувам можат да го потврдат снимките и колегите. Кој молчи, тој одобрува, вели една латинска поговорка. Иво Андриќ рекол дека единственото вистинско мачење е мачењето од немирната совест. Јас мојата совест не сакам да ја мачам и затоа ви го испратив писмото. Денеска најверојатно уште еден пациент ќе го изгуби видот кај нас. Дај боже, да не е тоа така зашто изгледа само тој може да помогне. Секој подоцна реагиран ден, ќе носи опасност по еден вид и една судбина“, се наведува во писмото испратено до министерот од офталмолозите.

По три месеци оттогаш од кабинетот на првиот човек во здравството нема никаква реакција. Во писмото, исто така, тројцата офталмолози од Градската болница „8 Септември“, од скопската Очна клиника и од болницата „Букурешт“ бараат средба со Тодоров за очи в очи да му ги објаснат проблемите со кои се соочуваат и колку пациенти досега останале со оштетен или со целосно изгубен вид на едното око?

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со министерот, најпрвин преку неговата служба за односи со јавност, а подоцна упативме директно прашање до него. Откако не успеавме да го добиеме на мобилен телефон, му напишавме смс-порака во која прашавме дали е запознаен со случајот и зошто досега не реагирал?

До затворањето на весникот, не добивме никаков одговор на темата.

Дополнителен проблем во целата приказна претставува тоа што самата лекарка во последните две години ја укинала утринската визита и стручниот колегиум, што е казниво според новиот Закон за здравствена заштита. Според измените во законот, секоја јавна здравствена установа мора да има утринска визита и стручен колегиум за да се провери постоперативната состојба на пациентите и како закрепнуваат тие, во спротивно се пропишуваат огромни казни. Сето тоа на очното одделение во старата Воена болница не се почитува.

Со почетокот на операциите со фако-метода на катаракта, од страна на докторката е укината утринската визита, само за да не ги гледаме нејзините буквално секојдневни компликации. Ние сме единствено одделение на светот во кое е укината утринската визита веќе долго време“, се наведува во писмото од офталмолозите.

Лекарската визита и стручниот колегиум на очното одделение биле воведени само еден месец додека лекарката била на летен одмор. Веднаш по нејзиното враќање, се вратиле на стариот начин на работа.

Нејзините колеги-офталмолози бараат под итно да се формира комисија за стручен надзор, која ќе ја провери работата на очната лекарка и нејзината стручност. Тие инсистираат да се погледнат сите снимки од направените операции, отпусните листи на пациентите и навремено да се реагира со цел да се спречат понатамошни лекарски грешки.

СЕ НИЖЕ БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО ИЗГУБЕН ВИД

Колку повеќе се расплетува приказната, толку повеќе на површина излегуваат трагичните судбини на пациентите. Во документите со кои располага „Фокус“ се објаснува целата здравствена голгота низ која поминале двајца пациенти од Кавадарци, еден скопјанец и еден пациент од Кичево.

Според документите, прва траума од изгубен вид по операција на перде по новата метода доживеал скопјанецот Б.Т., кој по неколкумесечно трчање по здравствените лавиринти испратил писмен допис до директорот Стојчев затоа што го изгубил видот на левото око. Истиот допис со свое видување на целата состојба Стојчев веднаш испратил до ресорното Министерство преку барање за формирање комисија.

Дописот до Министерството со потпис и печат од првиот човек на болницата бил испратен на 18 април оваа година. Во него скопјанецот во кратки црти ја објаснува голготата низ која поминал по направената операција на перде на 26 ноември лани. По две недели, тој дошол на контрола кај лекарката кај која бил опериран и се пожалил на влошена здравствена состојба, дека нема никакво подобрување на видот на левото око и дека има повремени вртоглавици и нестабилен од.

По иницијатива на пациентот, повторно била закажана операција на 26 февруари оваа година.

По прегледот на документите лекарката настојуваше да ме убеди дека грешам, дека станува збор за десното, а не за левото око. По нејзините конфузни изјави во тој момент не знаев каде да се упатам. Ме препрати во амбуланта на преглед за да носам очила. Но, јас не правев операција за потоа да носам очила. Тоа не е решение на мојот проблем“, објаснува 66-годишниот Б.Т. во испратениот допис.

Тој бара брзо решавање на неговиот проблем бидејќи дома има жена инвалид и мора да се грижи за неа, а, како што вели, нема да може, ако остане слеп. По неколку недели, 66-годишниот скопјанец добил повратен одговор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат дека тие немаат надлежност за оценување на стручната работа на лекарите.

Ова не е единствен пример на пациент што го загубил видот поради лошо изведена ласерска операција на перде. Повеќе од една година се нижат поплаките од пациентите што се жалат на оштетен или на изгубен вид, ако фако-методата на катаракта ја правела истата очна лекарка.

Според нашите документи,  лекарката оперирала и кавадарчанец, кој бил глувонем. Веднаш по операцијата, тој со отпусен лист со дијагноза псеудофакија со уреден наод бил пуштен на домашно лекување. При контролниот преглед на пациентот извршен од друг очен лекар во болницата, утврдено е неусогласување на наодите од отпусното писмо.

Кавадарчанецот, кај него во амбуланта дошол на 15 јули во понеделник. Тој дошол со болки и црвенило на десното око, при што веднаш била предложена интервенција на задниот сегмент.

Бидејќи пациентот е вработен, потребно му беше конзилијарно мислење и истиот го испратив кај докторката по втор потпис. Откако отиде кај неа, веднаш му беше промената дијагнозата. Исто така, му беше одземен ехографскиот наод што го направив јас за да се скрие состојбата, која ќе доведе до неповратно губење на видот на пациентот“, објаснува офталмологот.

За овој случај тој го информирал директорот на болницата. Во писмото офталмологот му објаснува дека овој пациент има здравствени проблеми, дека е глув и нем, а сега ќе остане и слеп.

Поради криењето на состојбата и нестручното и несовесно работење на лекарката, видот го изгубил и 48- годишниот Д.М. со број на историја 319210, кој подолго време се водел како успешно опериран случај. За негова среќа, откако потоа бил прегледан од друг офталмолог, веднаш било реагирано и бил испратен во белградската болница „Свети Вид“, каде што за 4.000 евра му била извршена реинтервенција.

Во документите со кои располага „Фокус“ се наведува дека пред само два месеца во болницата „Букурешт“ биле третирани околу 20 тотално неуспешни операции со фако-метода од истата докторка. Во целата приказна не е поштедена ниту скопската Очна клиника. По неуспешните операции на лекарката, пациентите биле препратени на клиника, каде што одат само во случај ако настанала одредена компликација.

Според нашите извори, на Очна клиника, за само еден месец, болнички биле третирани тројца пациенти, додека во последните два месеца шестмина пациенти биле хоспитализирани и уште десетмина амбулантски третирани.

Во испратеното писмо до министерот Тодоров тие барале овој случај да се упати до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Етичката комисија и до Комисијата за стручен надзор во Лекарската комора, Етичката комисија во ГОБ „8 Септември“. Тие, исто така, бараат стручен надзор од независен офталмолог од странство, како на пример од ВМА Београд.

ЛЕКАРКАТА БЕШЕ СТАВЕНА НА ЛИСТАТА НА 100 НАЈДОБРИ ЛЕКАРИ

Пред три месеци, министерот за здравство, Никола Тодоров, им се закани со тригодишни затворски казни на лекарите од Градска болница бидејќи дел од нив внесувале лажни податоци во системот за плаќање по успешност, што претставува кривично дело. Веднаш по објавувањето на листата на 100 најдобри лекари за март настана тотален хаос во болницата, каде што дури 70 отсто од лекарите беа прогласени за криминалци.

Инаку целата лавина почна откако лекарка од очното одделение била пријавена од своите колеги дека внесувала лажни податоци. Тие се побуниле дека е наградена со 500 евра, а таа во системот за плата внесувала податоци дека извршувала ортопедски услуги или ендокринолошки дијагностички прегледи.

Односно, во системот стоело дека очната лекарка направила ултразвучна дезинтометрија, односно снимање на коските за откривање остеопороза или дека давала инјекции за зглоб. Можете да претпоставите дека станува збор за главната актерка во нашата приказна.

Со оваа тема во мај се занимаваа колегите од „Утрински весник“. Таму излегоа првите информации дека лекарката ги лажирала податоците. Директорот на болницата, Сашо Стојчев, во тоа време за весникот ги потврди информациите.

Точно е дека утврдивме голема дискрепанца во внесените и реално извршени услуги кај тројцата очни лекари, но најголемо отстапување имаше кај еден од нив. Се внесувале и услуги кои не биле извршени, но имаше и такви што ги изработиле, а не ги внеле. Случајот го пријавив во Министерството за здравство“, изјави доктор Сашо Стојчев за „Утрински весник“.

За неправедното наградување, поради погрешното внесување податоци во системот, дел од очните лекари во стара Воена болница реагирале до ресорното Министерство и барале да се исправи грешката и наградата да отиде во вистински раце.

При прогласувањето на 100 најдобри лекари направена е огромна грешка. При номинирањето на докторите земени се само компјутерските податоци од системот, без повратна информација од болниците дали е тоа така. Иронијата е во тоа што истата докторка вие ја прогласувате за еден од 100 најуспешни лекари, а таа позади себе има еден куп комплицирани операции“, се наведува во известувањето со број 03.991/1 доставено на 11 април.

Според Кривичниот закон, ова дело е казниво и за него се пропишуваат дури три години затвор. Откако случајот со фалсификуваните податоци  беше обелоденет, од Министерството се изјаснија дека болницата треба да преземе мерки и да го расчисти случајот.

Досега лекарката од Градската болница „8 Септември“ за лажирани документи не е дадена пред истражните органи, ниту по иницијатива на болницата, ниту на ресорното Министерство. Последните информации за овој случај се дека на лекарката ѝ била одземена паричната награда од 500 евра.

Дојдовме и до расплетот на приказната. Време е надлежните институции и здравствените власти да ѝ погледнат на вистината во очи, без разлика колку е сурова затоа што никогаш не се знае чии очи ќе бидат следни на списокот. Нашата цел не е некој кривично да одговара, туку да се преземат мерки и да се почитува Хипократовата заклетва што ја дава секој лекар.

Ова не е измислената болница „Принстон – Плејсборо“ во Њу Џерси, под раководната палка на необичниот медицински генијалец, доктор Хаус, кој води тим на дијагностичари, но, сепак, е болница од која треба да излегуваат здрави, а не слепи пациенти!

Сашо СТОЈЧЕВ, директор
КУП ПОПЛАКИ ЗА ОШТЕТЕН ВИД ОД ОЧНА ЛЕКАРКА

Доктор Сашо Стојчев, директор на ГОБ „8 Септември“, во изјава за „Фокус“ ги потврди поплаките и жалбите од пациентите кои по ласерска операција на перде останале со оштетен вид на едното око.

До мене како директор секојдневно стигнуваат поплаки од пациенти кои имаат проблеми со видот по извршената операција од очната лекарка. Како што реагираат пациентите, ние поплаките ги доставуваме до Министерството, а тие треба да формираат комисија за стручен надзор. Досега не се случило тоа. Исто така, ги праќаме и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, но досега нема никаква реакција. Пациентите се жалат на оштетен или изгубен вид, а лекарката им вели дека им треба време да прогледаат. На очното одделение нема подолг период визита и утрински колегиум, а јас немам моќ да реагирам“, ни изјави доктор Стојчев!

Наум ТРПЕНОВСКИ, офталмолог
ВО ОФТАЛМОЛОГИЈАТА Е ПОТРЕБНА СТРУЧНА КОНТРОЛА

Доктор Наум Трпеновски, офталмолог од очното одделение во ГОБ „8 Септември“, тврди дека на македонската офталмологија во моментов ѝ недостига да стави сигурносен појас.
Занаетот се учи за неколку месеци, но потребни се илјада месеци за да се усоврши. Институциите треба и да спроведат строга контрола. Впрочем, тие и го донесоа скоро Законот за тие контроли. Реално државата овде многу затаи во примената на сопствениот закон за стручна контрола. Државниот санитарен и здравствен инспекторат очигледно најмногу се занимава со тоа кој пуши цигари по болниците. Секое криење на работите, секоја лага во почетокот носи корист, но се знае дека на крајот ќе донесе штета“, објаснува доктор Трпеновски.

„ФОКУС“ НЕ УСПЕА ДА СТАПИ ВО КОНТАКТ СО ЛЕКАРКАТА

„Фокус“ се потруди да разговара со лекарката, на чија адреса беа упатени куп поплаки од пациенти за оштетен вид, офталмолози и директорот на Градската болница „8 Септември“, доктор Сашо Стојчев. По неколкучасовно барање, не успеавме да стапиме во контакт со неа.

Поврзани новости