Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска од Тирана порача дека очекува конструктивна дискусија за зголемување на регионалната соработка.
„Очекувањата се дека ќе имаме конструктивна дискусија прво во однос на зголемување на регионална соработка, во однос на зголемување на инвестициите за поврзување на регионот, односно на сите земји во регионот и посебно разговори во однос на обезбедување на енергетска независност и обезбедување на дополнителни финансиски средства за енергетско осамостојување на регионот и зелена транзиција на енергетскиот сектор.
Дополнително ќе биде потпишан и договор за меѓусебно признавање на дипломите на фармацевтите, потоа на акушерките, на медицинските сестри кои што доаѓаат како дополнување на она што го потпишавме на минатиот самит, а тоа беше признавање на дипломите на лекарите и на другите дејности кои се регулираат согласно со европските директиви“ рече Ковачевски.
Најави дека на самитот ќе има и разговори со германскиот канцелар Шолц.
„Во текот на денот, утрово имав состанок со комесарот Вархеји на кој разговаравме за процесот на проширувањето, прво во однос на скрининг процесот кој веќе е во својата финална фаза и кон подготовката на финалните извештаи, меѓутоа исто така разговаравме и за поврзувањето на земјите од Западен Балкан пред сѐ мислам на дигиталното поврзување коешто е едно од условите за воспоставување на заеднички регионален пазар којшто ќе биде компатибилен со заедничкиот европски пазар за воспоставување на инфраструктура и механизми.
Имав состанок и со претседателката на Европската банка, г-ѓа Рено Басо на која разговаравме конкретно за проектите што се финансирани од страна на ЕБРД во однос на поврзувањето на Коридорот 8 со Албанија, како и на проектите кои се однесуваат на финансирање на енергетските проекти во државата и на интерконекцијата со Грција во однос на гасното поврзување на Северна Македонија“ додаде премиерот Ковачевски.
За утре најави состанок и со потпретседателката на Светска Банка, со која, како што рече, ќе разговара за долгорочниот план кој го имаме со Светска Банка.