Откако Кривичниот суд одлучи да му даде условен отпуст на новинарот Томислав Кежаровски, односно да не се враќа во затворот за издржување на преостанатите три месеци од казната, на ваквата одлука денеска жалба поднесе Обвинителството.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе жалба на Одлуката за условен отпуст на осуденото лице Томислав Кежаровски. Во законски предвидениот рок, надлежниот јавен обвинител ја разгледа Одлуката за условен отпуст донесена од страна на Основниот суд Скопје 1. Сметајќи дека со одлуката погрешно е утврдена фактичката состојба во случајот и дека осуденото лице не ги исполнува услови за условен отпуст, надлежниот јавен обвинител поднесе жалба на одлуката“, се вели во соопштението на обвинителството.
Сега на потег е Апелациониот суд, бидејќи тој ќе решава дали ќе ја усвои жалбата на обвинителството или ќе го потврди условниот отпуст на Кежаровски.
Од Кривичниот суд, за разлика од Обвинителството, сметаат дека Кежаровски го исполнува правото за условен отпуст.
„Оваа одлука Судот ја донесе согласно член 200, 201, 202 и 203 од Законот за извршувањето на санкции како и член 36 од Кривичниот законик, бидејќи осудениот веќе издржал повеќе од половината од казната затвор, а притоа водејќи сметка за неиздржаниот дел од изречената казна, дека за времето на издржувањето на казната, а особено во период додека тој бил во притвор во истата оваа установа, покажал беспрекорно и примерно поведение, како и влошената здравствена состојба на осудениот заради која со решение на Управата за издржување на санкции му е одреден прекин на издржувањето на казната затвор во траење од 30 дена“, велат од судот.
Пред да биде донесена одлуката за условен отпуст, Кежаровски привремено беше пуштен на слобода, односно издржувањето на казната му беше пролонгирано за еден месец, по одлука на Управта за извршување на санкции, а по барање на директорот на затворот, за да можел новинарот да изврши лекарски прегледи.
Доколку Апелација не се произнесе по жалбата на обвинителството до 18 февруари Кежаровски ќе мора да се врати во затворот „Скопје“. А, потоа во зависност од нивната одлука ќе се знае дали повторно ќе излезе на слобода или ќе остане да ги издржи трите месеци преостанати од затворската казна од две години.