Обвинителите кои го водат случајот „Таргет-Тврдина“ којшто се однесува на масовното прислушување денеска околу пладне поднеле жалба на одлуката на Кривичниот суд кој му одреди куќен притвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, потврдуваат за Фокус од Обвинителството.
На Мијалков од синоќа му се губи трагата, непосредно пред изрекување на пресудата за масовното прислушување.
Обвинителите, Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов бараат на Мијалков да му биде одреден притвор, како што првично барале во неделата, а не куќен притвор, како што одлучи Судот. Апелацискиот суд има рок од 48 часа да одлучи по жалбата на Обвинителството.
Според последните информации од Кривичниот суд, кривичниот совет донел решение за согласност за распишување на меѓународна потерница по Мијалков од страна на Министерството за внатрешни работи. Засега на веб страницата на Министерството за внатрешни работи се уште стои дека по Мијалков има распишано национална, а не меѓународна потерница.
Каде е Мијалков се уште нема одговор, а нема ниту одговор како избегал и дали некоја институција направила пропуст. Синоќа, како што објави Фокус, прво беше забележано големо полициско присуство пред неговиот дом на Водно, а потоа јавноста дозна дека му е одреден куќен притвор и дека полицијата не може да го најде за да му го врачи решението.