Обвинителството побара притвор за четворица од демонстрантите

by Фокус

Обвинителството вчера побара притвор за четворица од учесниците во завчерашните протести организирани за случајот Мартин Нешкоски, откако Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против нив.

„Основното јавно обвинителство – Скопје денес прими кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи против четири лица, за кривично дело – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, сторени во текот на вчерашните протести пред Владата на Република Македонија. Постапувајќи по поднесената кривична пријава, а со цел да се обезбеди непречено одвивање на истрагата од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесен Предлог за определување мерка Притвор против сите четири осомничени лица, поради постоење на околности кои укажуваат на опасност од бегство и поради постоење на особени околности што го оправдуваат стравувањето дека осомничените ќе го повторат делото, а со оглед дека се работи за кривично дело против јавниот ред“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Дали пријавените ќе завршат во притвор, денес, одлука треба да донесе судија на претходна постапка. Од Основниот суд Скопје 1 не информираа дека набрзо ќе имаат информации за јавноста.

Поврзани новости