Обвинителството, во завршниот збор за грабежот во Тутунска банка, побара обвинетите да се казнат со највисока казна, што во случајот е десет години.
Свој завршен збор денеска ќе дадат и обвинетите Бобан и Горан Смилевски, Борис Минчевски и Мирослав Каевски, кои на минатото судско рочиште ја признаа вина, но не открија што сториле со украдените пари.
Адвокатот на Бобан и Горан Смилевски побара од судот поблага казна поради, како што кажа, нарушената здравствена состојба. Тој напомена и уште една причина која треба да се земе во обзир за намалување на казната, а тоа е старателството на детето на второобвинетиот, Горан Смилевски.
Според одбраната еден од обвинетите донирал пари во добротворни цели, на судот му испратил признаници и благодарници за тие активности.
Обвинетиот Горан Смилевски е претседател на Синдикатот на вработените во НБРМ поради што според неговиот адвокат уживал висок општествен углед како и добивал признанија и високи оценки за неговата работа.
Според обвинителниот акт, обвинетите искористувајќи ја својата работна позиција и познавањето на процесите на работата во банката, на еден датум украле 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра, а на друг датум 2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра.
За кривичните дела, тешка кражба и затајување, за кое се товарат обвинетите, предвидена е затворска казна од три до 10 години, односно од една до 10 години.