Триесет и едногодишната жена, која синоќа беше убиена кај Детската клиника во Скопје, била бремена, информираа од Основното јавно обвинителство Скопје. Оттаму донеле наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Убиство, со квалификаторен облик на убиство на бремена жена.
„Досегашните сознанија потврдуваат дека жртвата не е почината од пад од височина. Убиството осомничениот го извршил на терасата на кровот на седмиот кат на Детската клиника во Скопје, каде е и најдено безживотното тело на сега починатото лице. Се очекува пристигнувањето на Извештајот од извршената обдукција од страна на Судска медицина, според кој ќе се утврдат и причините за настапување на смртта“, се вели во соопштението на обвинителството.
Од обвинителството информираат и дека надлежниот обвинител ги презел сите почетни мерки за прибирање на докази и релевантни факти во насока на расветлување на случајот.
„При тоа, сослушано е едно лице и дадена е наредба за вршење на обдукција. Согласно законските прописи, а сметајќи дека се исполнети условите, јавниот обвинител до судија на предходна постапка поднесе Предлог за определување на мерка Притвор против осомничениот“, велат од обвинителството.
Од МВР, пак, во текот на денот информираа дека осомничен за убиството е 22-годишниот Н.К. од скопското село Петровец, од каде што посочија и дека починатата била задавена.