Речиси една година, Скопското јавно обвинителство молчи и избегнува да одговори на прашањето до каде е предметот кој го отворија поради сомнежите за можните финансиски малверзации на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за време на парламентарните избори во 2006 година. Поточно, во интервју за неделникот „Фокус“, некогашниот студентски лидер и активен член на ВМРО-ДПМНЕ, Самоил Малчески, истакна дека иако не донирал за партијата, тој, неговата мајка и сестра, се нашле во финансискиот извештај како донатори. И тоа, дека донирале 550.000 денари.
Откако интервјуто беше објавено, републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски истакна дека го прочитал написот во неделникот, по што предметот му го препуштил на скопското јавно обвинителство.
-Засега единствено можам да кажам дека е отворен предмет, по допрен глас, и ќе се работи за да се утврди дали има сомнежи за сторено кривично дело. Неблагодарно е уште сега да се прогнозира што ќе се случи, ни изјави тогаш надлежната обвинителка Гордана Гешковска.
Од оваа изјава помина веќе една година. Во обид да дознаеме како напредува постапката, обвинителката, неодамна, единствено ни потврди дека Малчески бил повикан на разговор, а за останатите прашања ни порача да ја побараме повторно, за да и самата се информира. Оттогаш обвинителката не одговара на нашите телефонски повици и СМС-пораки.
Малчески, пак, ни појасни дека на разговор бил повикан само тој, но не и неговите мајка и сестра.
Кривичните дела поврзани со финансирањето на партиите застаруваат за пет до десет години, во зависност од делото. Ова би значело, доколку се утврди дека партијата извршила кривично дело кое застарува за пет години, делото ќе помине неказнето. Но, доколку застарува за десет години, тогаш обвинителството има време до 2016 година да реши дали е сторено кривично дело или не.
Доколку за предметот се отвори истрага, на некој од ВМРО-ДПМНЕ му се заканува казна затвор од најмалку пет години, за давање на лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства. Високата затворска казна за оваа дело, беше стокмена за Љубе Бошкоски, со измените на Кривичниот законик во 2011 година.
– Со казна затвор од најмалку пет години ќе се казни одговорното лице во правно лице кое нема да пријави донации и други средства за финансирање на изборна кампања, ќе го спречи надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборната кампања, нема да поднесе финансиски извештај или ќе даде лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства…, стои во членот 165-а, во Кривичниот законик.
Останува нејасно кој би го понел партискиот товар на својот грб? Дали потписникот на извештајот, дали генералниот секретар или претседателот на партијата, бидејќи во случајот со Бошковски, тој одговараше како претседател на партијата, а според државните ревизори, одговорни за финансиските извештаи се претседателот на партијата и генералниот секретар.
Потписник на извештајот за донации, од 2006 година, е министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е потпишаната како овластен претставник на подносителот на листата. Исто така, во тоа време, Јанкулоска, ја вршела функцијата потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, шеф на изборниот штаб и генерален секретар, а претседател на партијата и тогаш, како и сега, бил премиерот Никола Груевски.