Доколку ниту еден орган не преземе дејствија за расчистување на сомнежите за набавката на софтвер, поврзан со поранешниот генерален секретар во Владата и еден од сегашните секретари, Драги Рашковски, Обвинителството ќе отвори предмет, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
-Обвинителството согласно закон е орган што ги гони сторителите на кривичните дела, но доколку институциите во чиј делокруг на работа е откривање на кривични дела и нивни сторители, не постапат согласно нивните надлежности, тогаш обвинителството ќе постапи согласно член 41 став 2 од Законот за кривична постапка, односно јавниот обвинител сам ќе го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција, велат од Обвинителството.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска минатата недела изјави дека ДКСК отворила предмет за набавка на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Рашковски.
Владата на 10 март излезе со соопштение во кое наведе дека набавката на софтверот за контрола на просечната брзина на возилата во сообраќајот е спроведена со сите детални процедури низ отворена и јавна тендерска постапка.
Во соопштението беше истакнато дека при набавката на софтверот не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки и не е констатиран никаков конфликт на интерес.