Мајката на детето кое загина во пожар го врзувала со ланец и катанец за кревет, ѝ се заканува затвор од најмалку 5 години

by fokus

Мајката на седумгодишното дете кое загина во пожар во зграда во Гостивар, го врзувала детето со ланец и катанец за креветот, па гостиварското обвинителство донесе наредба за отворање на истражна постапка и бара притвор за триесет и шестгодишната жена.

-Осомничената, во текот на 2021 година, со груба повреда на своите законски семејни обврски го малтретирала своето дете на возраст од 7 години, кое го врзувала со ланец и катанец за креветот. На 16 март, во станот во кој престојувало семејството избувнал пожар, a затоа што било врзано за креветот детето не успеало да го напушти домот и го загубило животот. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави и предлог за определување мерка притвор за 36-годишната осомничена. За наведеното кривично дело во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку пет години, соопштуваат од Обвинителството.

Во меѓувреме, се уште се работи на утврдување на причините за пожарот. Останатите малолетни деца на мајката се згрижени преку Центарот за социјална работа во Гостивар.​

Поврзани новости