Обвинителството истражува дали Иџет Мемети вработил несоодветен правобранител во Кичево

by fokus

Скопското јавно обвинителство истражува дали поранешниот Народен правобранител, Иџет Мемети предложил заменик на Народниот правобранител за подрачјето на Кичево кој не ги исполнувал бараните услови за ова место односно го немал потребното образование и потребното работно искуство. Обвинителството веќе ја побарало документацијата од институцијата, но се уште не ја добиле.

-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, во насока на утврдување на фактите во предметот за кој покажувате интерес, испрати барање до Канцеларијата на Народниот правобранител за обезбедување на целокупната документација во врска со изборот. По барањето се уште не е постапено. Предметот е во фаза на предистражна постапка. Откако ќе ја обезбеди неопходната документација и ќе ја проучи, јавниот обвинител ќе донесе одлука за натамошното постапување, велат од Обвинителството за „Фокус“.

Актуелниот Народен правобранител, Насер Зибери пак тврди дека обвинителството побарало документација и дека тие ја доставиле. Според неговите сознанија за овој случај постапка се водела пред ДКСК и Уставен суд, но и двете институции ја прекинале.

Антикорупциска комисија всушност утврди дека Мемети предложил заменик на Народниот правобранител за подрачјето на Кичево, Илбер Руфати кој не ги исполнувал бараните услови.

Подносителот на пријавата се жалеше и на дискриминација на кандидати со долгогодишно работно искуство во правото и дека бил предложен кандидат кој после дипломирањето пет години бил распореден на работа во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор без да биде распореден на работа, а од 2015 година работел во УЈП Кичево како помлад соработник.

По поднесената пријава антикорупционерите побарале документација од Народниот правобранител Мемети, а вонреден надзор направил и Државниот просветен инспекторат. Од собраната документација било утврдено дека Руфати кој на крајот на 2019 година бил избран за заменик на правобранителот во Кичево запишал постдипломски студии на Факултетот за правни науки, сепак тој ги немал положено сите испити и ги немал собрано потребните 240 ЕКТС кредити кои биле услов за ова работно место.

-Илбер Руфати кој е избран за заменик на Народниот правобранител за подрачјето на Кичево во моментот на поднесувањето на пријавата по распишаниот оглас за заменици на Народниот правобранител за Скопје, Кичево и Битола, е го исполнувал условот за завршено високо образование со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС односно завршен VII/1 степен образование од областа на правото а следствено на тоа и условот да поседува работно искуство од најмалку седум години од областа на правото чија активност е докажана во областа на заштитата и промоцијата на човековите права и ужива углед во вршењето на професијата, што се докажува со добиени оценки за работењето во професијата релевантни препораки или признанија кои можат да се верификуваат имајќи предвид дека работното искуство се стекнува после завршувањето на соодветниот степен на образование, се вели во одлуката на Антикорупциската комисија која е јавно објавена.

Мемети во интервју за емисијата 360 степени тогаш потврди дека имало пријава за изборот на овој заменик и рече дека така одлучил тој бидејќи сметал дека е добар кандидат.

Антикорупциска комисија оваа одлука ја достави до Собранието кое го избрало заменикот на предлог на Мемети и до подносителот на пријавата, но оваа одлука не се најде на дневен ред на Собрание, па подносителот подесе пријава до Обвинителството.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости