Неколку зборови за братството

by Fokus

На внатрешниот план многу одамна не се заговара братство и сплотеност, живеење едни со други, туку се создаде и политичка, но и правна рамка во која ние битисуваме едни покрај други.

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Полетавме низ воздухот како птици, пловиме по морето како риби, но се уште треба да го научиме едноставниот чин на чекорење по земјата како браќа. Мораме да научиме да живееме како браќа или ќе исчезнеме како будали –( Martin Luther King Jr).

Идејата за братството, еднаквоста и слободата е стара колку и човечкиот род. Не постои култура, земја, народ, кои не тежнееле и не тежнеат кон оваа идеја.

Во словенската историографија братството било сметано за основна клетка на словенскиот начин на организирање на племенскиот живот на големите планински пространства чија основна улога е спротивставување на згуснатиот градски начин на живот на грчко римската цивилизација.

РОДНИНИ ПО КРВ

Во Црна Гора и Херцеговина роднини по крв се  оние кои потекнуваат од машкиот предок и тие го сочинуваат братството.

Братствата биле носители на внатрешниот живот на племето, а се до воведување на кнежевската власт, тие кон другите племиња и соседи делувале како политичка единка. Англичаните, пишувајќи за Црна Гора во тоа време, зборот племе го преведуваат како клан, слично на шкотските кланови кои се исклучително слични и по организација и по функција со црногорските.

Братството во тоа време подразбира, исклучиво, крвно сродство и поврзаност, кое се брои по колена или пасови (појаси). Секое братство го знае својот предок со историска точност, го знае својот почеток и патронимичко име. Прв знак на братското единство е славење на ист светец.

Декларација на правата на човекот и граѓанинот е еден од најосновните и најважни документи на Француската револуција, кој ги определува поединечните и колективните права на народот кон државата. Усвоен е од страна на Уставотворното Собрание на 26 август 1789 год.

Слично на  американската  Декларација на независноста, таа тежнее да биде со универзален карактер. Таа не ги дава само основните права на  француските граѓани, туку ги предвидува за сите луѓе без исклучок предвидувајќи во членот 1:„ Луѓето се раѓаат и живеат слободни и еднакви во правата“. Тие права се универзални и важат секогаш во секој миг на секое место, а паролата слобода, еднаквост, братство ги означува токму тие принципи и начела.

Декларацијата на независноста на Соединетите американски држави, која е усвоена од Континенталниот конгрес на 4 јули 1776 година и, која прогласува независност на 13 американски колонии, кои во тоа време биле во војна со Велика Британија, на сличен начин ги дефинира основните вредности. Предвидува дека сите луѓе се создадени еднакви, обдарени од Создателот со одредени неотуѓиви права како што се право на живот, слобода и потрага по среќа.

ДРЖАВНО ГЕСЛО

И во некогашната Југославија братство и единство биле државно гесло и популарна парола на Комунистичката партија на Југославија. Геслото било создадено во време на Народноослободителната војна и истото станало водечка политичка идеологија во поглед на етно-лингвистичката југословенска политика.

По војната, геслото било клучно за југословенската политика на еднаквост меѓу југословенските народи. Геслото било вметнато и во уставите од 1963 и 1974 година. Според тогашното толкување , југословенските народи Македонци, Муслимани по националност, Словенци , Срби, Хрвати и Црногорци , како и националните малцинства, треба да живеат братски и во слога и нивните сличности треба да се промовираат за да се одбегнат националните конфликти и омразата.

Вредноста на братството и колку тоа навистина вреди и колку е дел од менталниот склоп на луѓето во бивша Југославија се виде на дело по воениот судир на секој против секого, каде единствен основ за тоа кој е чиј, беше националната или верска припадност. Цели села и предели беа опустошени и срушени, луѓето ги губеа своите животи, не знаејќи зошто, за кого и за што војуваат, водени и заслепени од омразата кон различностите не гледајќи ги сличностите.

НЕМА ХАРМОНИЧНИ ДРЖАВИ

По распаѓањето на Југославија и формирањето на држави од тогашните републики, ситуацијата не се смени битно. Ниту една од новоформираните држави не е хармонична и релаксирана држава кога се во прашање националните и верски односи, ниту пак, има развиено чувство на братство и сплотеност, а се уште се под знак на прашање и еднаквоста на граѓаните во ползување на нивните основни права и слободи, кои во голема мерка зависат од националната или верска припадност.

Не постои ниту една држава на Балканот, која нема проблем или спор кога се во прашање човековите права и слободи во корелација со етничката или верска припадност. Ниту една балканска држава не гради братски односи со своите соседи, ниту меѓу своите граѓани, ниту една од државите не ги потенцира сличностите како точка и основ за спојување, туку ги потенцира различностите како точка на раздор и раздвојување.

Сите дванаесет балкански држави имаат внатрешни проблеми и меѓусебни надворешни недоразбирања.. Едни докажуваат дека се најстари на Балканот и дека поради тоа треба да имаат најголеми права и привилегии, други дека сички се еден народ, трети дека името на друга држава е нивно име, па дека грбот е нивен, па јазикот, се додека не дојдат до тоа дека и сармата и мусаката се нивни.

Ниту во Македонија не е поразлична ситуацијата од онаа која владее во соседните балкански држави. На меѓународен план постојано сме изложени на оспорувања, преименувања и обезличувања од неколкуте соседи, кои останале некаде во минатото и изминативе векови, заборавајќи дека е 21 век. Тие и таквите притисоци негативно влијаеја и се уште влијаат на иднината на Македонија , нејзината економија, но и на меѓунационалните односи внатре во државата.

На внатрешниот план многу одамна не се заговара братство и сплотеност, живеење едни со други, туку се создаде и политичка, но и правна рамка во која ние битисуваме едни покрај други. Еднонационални партии, еднонационални училишта, делба на функционерските позиции, па се до најситните работни места на нивни и наши.

Се протежира и практикува националната припадност (покрај партиската) како услов за вработување, добивање на позиција, или функција по клуч, каде услов е националната припадност. Ова  се само мал дел од работите, кои ја покажуваат суштината и реалноста на нашето заедничко живеење, кое е далеку од тоа.

ДЕЗАВУИРАНА ИДЕА

Ваквите законски и правни решенија ја дезавуираат идејата за граѓанско општество , општество на еднакви и слободни луѓе каде квалитетот и знаењето, треба и мора да се основен принцип за вработување, напредување  и позиционирање во општеството.

Покрај крајната политизираност на општеството и државата, општеството е длабоко поделено и со исцртани остри граници на националните заедници. Буквално, однапред се  определени работните места и позициите на кои треба да седне Македонец или Албанец, маргинализирајќи ги останатите националности или човечки квалитети независно од националната припадност.

Ова создава нееднаквост и фаворизирање на определени луѓе само и само поради националната припадност, го уништува квалитетот и потребата од знаење, создава неспособна администрација без потребно знаење и умеење, ја продлабочува меѓунационалната поделба и создава гетоизирање на националните заедници во границите на својот вилает.

Понатаму, ова создава потреба од формирање на еднонационални партии заради ваквата поделеност и неможноста за артикулирање на своите политички и други права на друг начин, а што им погодува на веќе позиционираните и устоличени политичари во националните партии кои стануваат нужност и потреба создадени на вештачки и неприроден начин.

Ваквите политичари немаат никаков интерес за менување на состојбите и напредување на општеството, туку основна цел им е да  задржат статус кво позицијата, во која тие ја играат главната ролја.

Токму поради тоа на ниту еден од овие политичари не им одговара спроведување на вистински реформи, градење на вистинско граѓанско општество , создавање на братски односи меѓу националностите и нивно сплотување, негување на различностите но потенцирање и поврзување преку сличностите.

Воедно, ова е најлесен начин да се манипулира со граѓаните прикажувајќи го секогаш како непријател оној кој е различен од нас, а постоење на непријател е секогаш услов за страв на ниво на граѓаните а причина за арбитрерност , самоволие и семоќност на оние кои се на власт. Секогаш кога ќе им потреба, непријателот е тука меѓу нас и, секогаш ќе постои причина да не бранат од некого и нешто, создавајќи и хранејќи го анимозитетот кон оној кој е различен од нас .

Треба да сфатиме дека нашиот сосед, сограѓанин не е ништо поразличен од нас, дека е од крв и месо, исти маки го мачат , исто ги сака своите деца и се бори за нивната иднина, исто небо не покрива, ист воздух дишеме и дека сакале или не го делиме истиот живот и простор и дека сме упатени едни на други и доколку се почитуваме и сплотуваме , а не се двоиме и разединуваме, сите подобро ќе живееме.

 

 

 

Поврзани новости